Тимот на Еурофарм Пелистер од Битола работи под полна пареа на подготовките за сезоната 2022/23, а Управата на клубот го претстави и новото засилување, на позицијата десен бек, на местото на Матео Мараш.
Се работи за интернационалецот од 29 годишниот репрезентативец кој доаѓа од Тунис, Усама Хосни, кој на првото престставување во Битола, во клубските простории рече:
-Ова е убаво искуство за мене. Можноста да дојдам во Македонија и да бидам прв ракометар од Тунис во Еурофарм Пелистер ми ја понуди мојот агент. Тој ми го претстави клубот и амбициите, можноста да се остварат добри резултати во Европа и да се освои македонското првенство. Ова е убава шанса за мене, тотално различно искуство од Франција, каде што играв. Оптимист сум и мотивиран сум за мојот нов предизвик, и додаде:-Наидов на амбициозна група ракометари. Важно е да се бориме за титулата во Македонија. Го гледав последниот натпревар против директниот конкурент Вардар 1961 минатата сезона. За жал заради мали детали Еурофарм Пелистер ја загуби титулата. Но, оптимист сум дека годинава ќе биде подобро.
-Ракометот има традиција на Балканот. Македонија има добра репрезентација, во 2015 година игравме важен натпревар во Полска за олимписките квалификации. Бев најдобар играч на тој натпревар, победивме и благодарение на тој натпревар, Тунис се квалификува за Олимписките Игри во Рио. Традиција е да излегуваат добри ракометари од Македонија, да имате добра селекција. Убав пример за тоа е Кирил Лазаров, заврши Хосни.
Во “си-вито“ на новиот десен бек на Еурофарм Пелистер стои: освојувач на Купот на Африка во Габон во 2018 година, сребрен медал на Купот на Африка во Тунис во 2020 година, сребрен медал на Медитеранските игри во Тарагона 2018 година.