Press "Enter" to skip to content

Во среда ќе започнат со градежните работи на градскиот парк во Нова Битола

Се повеќе е изразена потребата од нови катчиња за рекреација во Битола и обезбедување што почист воздух за населението, вели градоначалникот на Битола, Тони Коњановски. Во таа насока, по подготвителните теренски активности во изминатиот период,  утре екипите на КЈП “Нискоградба“ ќе направат технички вовед со службите од општината и надзорот, а во среда ќе започнат со градежните работи на градскиот парк во Нова Битола.

По сондирањето на јавното мислење на жителите во Нова Битола, локалната самоуправа презеде чекор за уредување на површина од 25.000 метри квадратни, која досега воопшто не беше одржувана и употреблива, со што ќе се добие нов парк. Покрај хортикултурно и партерно уредување, паркот ќе содржи спортски и детски реквизити, урбана опрема и соодветно осветлување, со што граѓаните и посетителите на Битола ќе добијат ново место за одмор и рекреација, како и за игра и забава на најмладите.

Општина Битола во континуитет работи на подобрување и обезбедување на поквалитетна животна средина.