Попладнево ракометарите на Еурифарм Пелистер во Битола го одржаа и вечерниот тренинг пред утрешниот натпревар од СЕХА лигата, кога се домаќини на екипата на Мешков Брест, а победата ќе значи учество на “Фајнал фор“ во Задар, Хрватска.
Екипата на Мешков Брест во рамките на СЕХА лигата беше и лани во Битола, а оваа година ќе се игра само еден натпревар, кој започнува утревечер во 20,15 минути во спорската сала “Боро Чурлевски“.
Десното крило Ненад Костески, како и сите ракометари со нетрпение го очекуваат овој натпревар по напорните подготовките, а утрешниот дуел, по завршувањето на денешниот тренинг на краткиот брифинг со новинарите рече:
-Ја започнуваме новата сезона, ни следи првиот официјален натпревар. Напорно се подготвувавме за овој битен дуел. Многу битен натпревар за сите нас. Со победа ќе се квалификуваме на завршниот турнир на СЕХА лигата, а тоа би бил преголем успех за сите нас. Мешков Брест е одлична екипа, без разлика што имаат измени во ростерот, сепак костурот на белоруската репрезентација е во овој тим. Добро се воиграни, играат заедно и се работи за респектабилен тим. Очекуваме поддршка од трибините, нашиот “осми играч“ ќе ни биде најпотребен. Не се сомневам дека ќе биде исполнета салата. Битола живее за овој спорт и верувам дека со наша добра игра и нивна поддршка ќе се радуваме на пласман на „фајнал-фор“ на СЕХА лигата.