-Педесет и два-три километри се поминуваат наизменично, возење велосипед и пешачење, а се поминува од Битола, по стариот асфалтен пат до Ротино, манастирот “Св. Илија“, по планински пат се до Голема Ливада, а потоа до Мегалитите, по Ротинска река, и се излегува на Цапарска Пресека на патот за Антена. Репортажа за рутата,доживувањето и убавините на овој крај
– „Првото утринско кафе да се испие на планина е најубаво“ убаво кажале. Задоволството е големо на Голема ливада да се пие утринско кафе, иако е во “тетрапак“. Драган Ристевски, искусен планинар од Битола, кој за оваа тура веднаш по доаѓањето до манастирот “Св. Илија“ кај Ротино вели:-За мене, како човек кој 50 и повеќе години поминав на Пелистер, ова е природниот влез во планината, а кога ќе навлеземе во планината, над Голема Ливада, влегуваме во бубрегот на Пелистер. Според мене овој е најубавиот дел од планината, пред вас “дебела“ шума, ливади, река, скалести водопади, карпи, тука се Мегалитите. Но од година на година “шумата“ се качува се погоре.
А, да се стигне со велосипед од Битола до Голема Ливада, да се помине низ Ротино, треба да се поминат дваесетина километри. Петнаесетина километри се поминуваат по асфалтен пат, стариот пат за Охрид, а потоа од манастирот над Ротино, се влегува во шумата, каде во најголем дел не е можно да се вози.
-Од Битола до Голема Ливада патот се поминува најголем дел на велосипед. Кој би го поделиле во два дела. Првата делница е од Битола до надвозникот на патот Битола-Ресен, а се вози тринаесетина километри по нов асфалт, на стариот пат покрај село Братиндол. Патот е безбеден за велосипедисти бидејќи нема многу сообраќај и е прегледен. Потоа имаме мала нагорнина до село Ротино, но лесно, со добар велосипед, се поминува, секако со мала пауза пред селото кај чешмата покрај патот. Потоа се вози низ село Ротино, се до над селото кај манастирот “Св. Илија“. Следува планинска патека која не е за возење со велосипед, па мора малку да пешачите, а по брзо време се излегува на планински пат. За да не користите “џипиес“ по патот продолжувате лево, секако со возење, и за петнаестина минути се стигнува до Голема Ливада, вели Кире Стојановски, ученик во Техничкото училиште.
А, кога ќе се се стигне до Голема ливада е посебно доживување. Газите на планински тепих во повеќе бои од зелена,златножолта, портокалова,окер… а на клупите појадувате и го пиете утринското кафе. Од таму продолжувате по единствена патека која е десетина километри, по убава угорнина, која на места е изразена со двоцифрен број на степени кои треба да се искачат.
Секоја планиска тури низ Пелистер има своја убавина, но посебно доживување е да биде кај Мегалитетите, големи карпи високи 6-7 метри, кружно наредени. На врвот на најголемата карпа има издлабени места, според некои кажувања за тука се изведувале разни обреди. Ова ќе го потврдам и со тоа што кога тука доаѓав пред 50 години, и ја немаше шумата, кога ќе се искачен на големата карпа се гледаа трите врвови. Сега со растење на боровите молика тоа не е возможно.
По одморот кај Мегалитите се продолжува кон Цапарска пресека по тесен шумски пат, каде е невозможно да се вози велосипед, без разлика каков е, освен на некои 100 или 200 метри, но со големо внимание. На половина пат од тука до Цапарска Пресека, се наоѓа малото дрвено мовче, на кое се преминува Ротинска река, која и на “сред лето“ е голема вода, а таму е посебно уживање да се слуша жуборот на реката, да се ужива во несекојдневниот поглед на скалестите водопади скриени во зелениот папрат.
-„Оваа река со “добра“ вода која го полни зафатот над Ротини, а од тука се снабдува и селото. Во период кога се градеше хотел “Молика“ се направи зафат од реката до хотелот. При што во тоа време направи негодување кај селаните, но се најде заеднички јазик и хотел “Молика“ долго време се снабдуваше со вода од реката. Тука планината е “најзелена“, но ретки се планинарите кои поминуваат по оваа патека, која сега мора да се признае, благодарение на ултра маратонците е исчистена и целосно проодна, што е за поздравување“, вели Драган.
По уживањето и разладувањето во Ротинска река, претстои најстрмниот дел од оваа тура, до Цапарска пресека. Иако е доста стрмна за искачување, убавината која тука се доживува е посебна, а задоволството кога ќе се стигне до целта, Цапарска пресека е посебно. Тука на клупите има планинари и печуркари кои само ќе ви честитаат на упорност и напорот да се дојде до таму по планина со пешачење, а плус на тоа да се “турка“ точакот.
А, на Цапарска Пресека ве пречекува сонце, зеленило, шумски овошја, капини, диви сливи, а оние кои ги познаваат печурките ќе ја искористат приликата да соберат по околината.
Слегувањето надолу е лесно, но секако се слегува со посебно внимание и без еуфорија, а секако се застанува кај чешмата каде се наоѓа и спомен плочата на загинатите 46 комити за време на Илинденското востание.
Кога сте тука на 8. Септември, Денот на независноста на Македонија, задолжително мора да се поклоните и да оддадете почит за нивната жртва, да се борат и загинат за слободата на нашата татковина Македонија.
Текст и фото: Сашо Ристевски