Press "Enter" to skip to content

Претставници на Општина Битола на “Европската недела на одржлива енергија“ во Брисел

Во рамките на проектот „Подобрување на енергетската ефикасност во згради – БЕНЕФИТ“, финансиран од ИПА програмата за прекугранична соработка со Грција, делегација од Општина Битола, претставувана од претседателката на Советот, Габриела Илиевска, заменик градоначалникот Бојан Бојкоски, како и Гордана Цветковска Бошевска и Горан Неделков, задолжени за реализација на проектните активности, присуствува на „Европската недела на одржлива енергија“ во Брисел.  Заедно со претставниците на општина Битола, на најголемиот настан на Европската комисија посветен на енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија, присуствуваат и проектните партнери на општина Битола од грчката страна и тоа: Спиридон Економу од бордот на директори на Центарот за обновливи извори на енергија и заштеда на енергија, Јанис Фалас од Кластерот за биоенергија и животна средина, како и претставниците од Министерството за внатрешни работи на Грција: Јоанис Коцимпасис – раководител на одделението за кофинансирани програми и регионален развој и Анастасиос Зафиридис, раководител на одделението за информации за инвеститори и комуникации.

Овогодинешната тема на Европската недела на одржлива енергија е: „Одење зелено и дигитално за енергетската транзиција на Европа“, а истата опфаќа шест тематски групи и приоритети: планот REPowerEU, претставен од Комисијата во мај 2022 година, дигитализацијата на енергетскиот систем на ЕУ, енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија, потрошувачите и фер енергетска транзиција и декарбонизација.

Конференцијата ја отвори комесарот за енергетика, Кадри Симсон, заедно со високи говорници од чешкото претседателство со Советот, Европскиот парламент и украинското Министерство за енергетика. Во контекст на Европската година на младите, Европскиот ден на енергијата на младите ќе им даде шанса на младите учесници да разговараат со комесарот Симсон кои активности мора да се преземат за да се обезбеди одржлива енергетска иднина. На сесиите за политики ќе има широк спектар на говорници од различно потекло, вклучувајќи креатори на политики, претставници на проекти, локални или национални власти, компании, групи на граѓани итн.

Со оглед на тоа дека главната цел на проектот БЕНЕФИТ е да се зајакнат капацитетите на јавните власти за планирање на енергетска ефикасност за надградба на енергетските перформанси на јавните згради, како и да се зголеми свеста за поширокото општество за придобивките од енергетската ефикасност самата посета на Генералниот Директорат за енергија е со фокус на енергетската ефикасност како и можностите за финансирање на проекти од таа област.

 

More from ВестиMore posts in Вести »