Press "Enter" to skip to content

На УКЛО извршено примопредавање на ректорските инсигнии (фото)

Новоизбраниот ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, проф. д-р Игор Неделковски на 1 октомври 2022 година започнува да ја извршува функцијата прв човек на УКЛО – Битола.

Пред неговото официјално започнување со работа, денес во Ректоратот на УКЛО извршен е чинот на примопредавање на ректорските инсигнии. Актуелниот ректор, проф. д-р Сашо Коруновски  истакна дека со големо задоволство на својот наследник му ги предава инсигниите и му посака успешен мандат, особено затоа што во ректорот Неделковски има наследник којшто уште повеќе ќе се грижи за прогресот на УКЛО.-Овој чин треба да биде еден вид на традиција затоа што луѓето доаѓаат и си одат, а институциите се оние кои ја имаат институцуионалната меморија во која практиките треба да се унапредуваат и затоа што треба да следи развојот и да се става личен  печат. Сигурен сум дека новиот ректор Неделковски ќе стави свој печат, како што тоа впрочем го правеле и нашите претходници и во тоа е доброто. Промената е добра затоа што носи свежина и ред е јас да се повлечам и со чиста и мирна совест ги предавам исигниите кои многу значат и се симболот на Универзитетот и одат во сигурни раце, рече Коруновски.

Новиот  ректор, проф. д-р Игор Неделковски во рамки на пригодата акцентира дека раководењето на Универзитетот го презема со високи достигнувања што се резултат на успешната работа и мудроста на ректорот Коруновски. Тој истакна:-Ректорот Коруновски со својот личен пример покажа како треба да се менаџира еден по многу нешта специфичен колектив, со врвни професионалци, со доктори на науки и администрација и тоа да го прави на соодветен начин и да го оствари она што посебно се потенцира: дека е важно како се доаѓа на функција, но уште поважно е како човек си заминува од функцијата, а ректорот Коруновски си заминува гордо, се крената глава и со  големи резулти и јас ќе бидам задоволен ако го постигнам она што го постигна мојот драг пријател Коруновски.

Новоизбраниот ректор проф. д-р Игор Неделковски изрази уверување дека само низ успешна соработка со студентите и вработените на УКЛО може да се постигнат потребните ефекти. Со симболичната постапка на примопредавање на должноста, во присуство на претседателот на Универзитетскиот сенат, проф. д-р Пеце Николовски, УКЛО ја промовира заложбата за континуитет во работењето и успешно  започнување на нова фаза во управувањето и целокупното функционирање на Универзитетот.

Наскоро, на седница на Ректорската управа на предлог на ректорот Неделковски ќе се донесе одлука за избор на нови проректори на УКЛО со што ќе се комплетира менаџментот  на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.

По повод почетокот на новата академска година, порака до студентите и вработените на УКЛО, ректорот Неделковски ќе упати од  Факултетот за безбедност во Скопје. Тој ќе присуствува на Првиот свечен академски час на оваа единица која одбележува 45 годишен јубилеј.

More from ВестиMore posts in Вести »