Press "Enter" to skip to content

“Сите заедно во борба против канцерот“ хуманитарен настан на “Магнолија“

На иницијатива на Тамара Илиевска и Викторија Брдаровска, денес на Плоштадот Магнолија во Битола, беше организиран хуманитарен настан, насловен „Сите заедно во борба против канцерот“. Во изминатиот период, тие организираа хуманитарна акција за собирање на коса, која ќе биде наменета за лица болни од рак. Најмалата учесничка во акцијата беше 4 годишно девојче, а на денешниот настан, интерес за учество покажаа повеќе приватни компании, но и поединци од цела Македонија, кои дадоа поддршка на иницијативата, со цел да им се помогне на лицата, на кои тоа им е потребно. Хуманитарниот настан е поддржан од општина Битола, а присутните учесници, ги поздрави градоначалникот Тони Коњановски:

„Кога хуманоста доаѓа на иницијатива на младите, тоа говори дека помеѓу нас има нови генерации кои со себе носат позитивни вредности и претставуваат наш поттик за да застанеме пред брзиот и динамичен живот и да го направиме вистинскиот чекор, во вистинското време. Оваа порака, мора да ја сфатиме сериозно, за да делуваме навремено, превентивно, но и одговорно и посветено, пред бројните животни проблеми и предизвици.Тоа е и мотото на денешниот настан: „Заедно во борба со канцерот“, кој е иницијатива на 18 годишната Тамара Илиевска заедно со нејзината 19 годишна пријателка Викторија Брдаровска, хуманитарна акција која се реализира токму на почетокот на светскиот месец за борба против ракот, кој за жал не познава возраст, ниту било каква разлика помеѓу луѓето. Додека сите се обидуваме да ги намалиме ризик факторите, статистиките сеуште покажуваат загрижувачки податоци, а најтешките мигови ги поминуваат луѓето кои се соочуваат со оваа болест и нивните семејства. Раната детекција, дијагноза и лекување остануваат најважните фази за успешно надминување на ракот.  Во овој процес, она на што можеме да работиме е подигнувањето на свеста за карциномот, почнувајќи од најраната возраст, во училиштата, на работните места, се со цел подобрување на разбирањето на болеста, како и потребата од навремен скрининг, рече градоначалникот Коњановски, во своето обраќање пред присутните на настанот.

Во базарот учествуваа околу 30 ракотворци од Битола, гости од Прилеп, Охрид и Скопје. Во музичкиот дел настапија ДЈ Љубиша, групата Аманет и Никола Зацески со неговиот бенд. Точно напладне се одржа трибина на која гостуваа доктор гинеколог и психолог.

Собраните средства од денешниот базар ќе бидат наменети за лица заболени од канцер кои во моментот се лекуваат на онколошкото одделение во Скопје. Изминатиот период беше донирана и коса, која организаторите на настанот ја праќаат во Кавадарци кај Сашка Кузманова која е прва во Македонија што изработува перики од природна коса. Денешниот настан, се организира по повод почетокот на месец октомври, кој е месец посветен на подигнување на свеста за борба против ракот

More from ВестиMore posts in Вести »