Press "Enter" to skip to content

Книгите на Игор Трајковски и на група автори, на македонски јазик, во Националната библиотека во Прага, оддел за славјанистика

Двете книги “Позитивен во услови на тотална светска депресија“ автор Игор Трајковски – Фоја од Битола и збирката дела и трудови “КОЛЕГИУМСКИ ЗАПИСНИК 009“ од група автори го збогатија одделот за славјанистика при Националната библиотека во Прага. Авторот  Игор Трајковски – Фоја деновиве беше во Прага во име на здружението “Латерал“ од Битола кое од 2018 година соработува со одделот за славјанистика при оваа културна национална институција.

Поразговаравме со Игор Трајковски – Фоја за неговиот престој и импресиите од  Прага, како го доживеа на професионален и личен план. Значењето за  афирмација на македонскиот јазик и современото македонско литературно творештво.

-Срдечно бев примен во Националната библиотека на Чешка каде ме прими госпоѓата Марија Илич која го води одделот за славјанистика. Моите две книги „Позитивен во услови на тотална светска депресија“ и збирката дела и трудови „КОЛЕГИУМСКИ ЗАПИСНИК 009“ на група автори, сега се дел од оваа значајна културна национална установа. Книгата „Позитивен…“ е проект поддржан од Општина Битола. Колегиумскиот записник 009 е поддржан од Министерство за култура како проект од национален интерес за 2022 година на здружението Латерал од Битола. Со ова сметам дека афирмацијата и застапеноста на литературни дела од Битола и Македонија во една европска престолнина на културата и уметноста е од големо значење за ширење на нашата култура и јазик. Иста така како продолжување на соработката со одделот на славјанистика, претставник од истата ќе дојде во посета на печатницата Графо Пром како најистакната издавачка куќа од Битола. При таа посета ќе се вклучи и здружението ЛАТЕРАЛ. Ова здружение соработува со одделот за славјанистика од 2018 година па наваму. Ќе го посети и здружението БИТ- СЛОВИСТ во кое членуваат писатели од Битола, Македонија и регионот. На овој начин ќе се реализираат средби со  автори од Битола и регионот. Ова ќе придонесе за уште поголема афирмација на македонските автори на современи литературни дела, македонскиот јазик и современа литература воопшто.

За впечатоците од Прага Игор Трајковски – Фоја продолжи:

 -Секое патување во Прага откривам нешто ново за неа…или за себе“ . Сум престојувал во Прага повеќе пати од 2015 година и можам да кажам дека  секое мое патување било комбинација на работа и задоволство. Впрочем да се оди во Прага, а да не почуствувате задоволство е невозможно. Бидејќи и најобичната прошетка низ строгиот центар неможе да не ве натера да вкусите нешто од локалната понуда или само да уживате во архитектонските чуда. Оваа година задоволството беше поголемо  поради фактот што отидов фамилијарно со мојата сопруга Сања и синот Петар. На професионално ниво, ќе ја споменам и  средбата со режисерот Иво Трајков кој е и мој пријател и со кој соработуваме на разработка на сценариото за целовечениот филм „Ноќта“. Ќе кажам дека сме до комплетно финализирање на сценариото. „Кај мене секоја прошетка надвор од Македонија ми отвара еден нов видик кога ќе се вратам дома“. Само откако ќе ти се отвори нов светоглед, само тогаш дури можеш да ги забележиш убавините кои ги има во твојата татковина. Секако дека не е и кај нас розово, но мора да сме реални и да ги прифаќаме и добрите работи, а не само да се зафаќаме за она што не чини, кое денес сите знаеме ни е тренд. Односно ДА! Треба да се зафатиме со тоа што не не добро, но на потешкиот начин. Не како што повеќето милуваат на овој последниот, преку кој само се потенцира, критикува, и зборува. Туку да ги засукаме ракавите и да направиме се во рамките на нашето делување, за да се искоренат сите тие појави кои ни сметаат, а верувам повеќето зависат од нас самите.

На крај Игор Трајковски Фоја за целото искуство, во свој стил додаде:

-Секое патување не прави побогати со нови искуства. Но откако ќе слегнат впечатоците и откако ќе пропатуваме длабоко во себе, дури тогаш настанува интелектуално возигнување, па и продуховеносг“. Патувајте колку што можете повеќе, но најдете начин да пропатувате длабоко во себе, така ќе откриете тајни за светот наоколку, но и оној длабоко во сите нас.

Жанета Ристевска

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »