Press "Enter" to skip to content

Велосипедска тура од Битола до “Свети Илија“ кај Драгош по “Лерински Друм“ (Пелистерски патокази 34)

Најјужното населено место во Македонија, селото Драгош, беше одредницата за  велосипедската тура на тројца битолчани во изминатиов викенд. Тројката во состав, Сашо Ристевски, Игор Неделковски и Драган Ристевски, од градот на конзулите, Битола, тргнавме од Градскиот Парк од Битола во реализација на рекреативната велосипедска тура кон селото Драгош, утрината кон осум часот. Преку Буковската Населба се упативме по асфалтниот пат кон село Бистрица, по таканаречениот “Лерински Друм“.Пријатното сончево утро навестуваше и уште поубав сончев ден. Минутите и километрите минуваа под педалите на спортските велосипеди. Покрај утринското физичко освежување, истовремено се насладувавме од есенскиот пејсаж и богатиот род на нивите од потпелистерските села. А селата пак, нанижани како невестински гердан,  се капеа во утринската сончевина, по силното вејврни од претходната вечер.Така, по античкиот град Хераклеа на Филип Втори Македонски кој е и негов основач во 4 век пред нашата ера, како нанижани бисери се редеа селата, Буково, Крстоар,  исселеното Злокуќани, Бистрица, па Олевени, Канино, Барешани, Велушина и Градешница, погоре во пазувите на Баба Планина и Острец и Кишава и се до крајната одредница Драгош на самата државна Македонско-грчка граница. Од десната страна минавме и близу Породин и соседното Лажец, села кои опстојуваат на богатата и родна земја од Пелагонија.Пред да се упатиме кон Драгош, по 15 километри возење, направивме мала пауза во веќе напуштената караула од претходните ЈНА (Југословенска народна армија) и АРМ (Армија на Република Македонија). Бодливата челична жица со која е оградена напуштената караула е нем сведок дека до пред дваесетина години државната македонско-грчка граница се обезбедуваше на војнички начин и систем, а така беше со преостанатите две караули нагоре над Драгош кон Баба  Планина со крајграничните врвови, Бојаџиев Врв  (2.329 м.) и Ржана (2.334 м.).Селото Драгош, за среќа, се уште е населено место во кое има само 2-3 семејства со постојано живеалиште во селото. Едно семејство одгледува и неколку десетици говеда , како и неколку стотини овци, за кои ова поднебје и климатски и како  извор на храна е идеално.Од селото Драгош, кое доколку не би се иселувале  Драгошанци, сега би броело околу 2 илјади жители, се упатуваме лево преку малата селска река кон блиското возвишение на кое е изграден манастирот “Свети Илија“. До манастирот води земјен пат кој и покрај редовното одржување, атмосферската вода и силните летни дождови го оштетија на повеќе места изминатото лето. Косината на патот  прави на некои места да ги туркаме велосипедите и да продолжиме со одење пешки.На самиот врв на брдото каде што се наоѓа манастирот “Свети Илија“ изградена и висока камбанарија и чешма од страна на ЗИК “Пелагонија“, како и конаци со современа трпезарија и кујна со  значајна финансиска помош на наши иселеници од Австралија и од Канада. Тоа се семејствата Лазаревски-Поповски и Стефановски-Поповски од Торонто, Канада и Димче Пачовски од Шепартон, Австралија.Од горе, од манастирот “Свети Илија“ се гледаат уште двете драгошки цркви посветени на “Света Варвара“ и на “Свети Никола“ каде се наоѓаат и селските гробишта. Прекрасниот поглед и панорамата што намерникот може да ја посматра од ова место едноставно човека го исполнува со прекрасни видици. Цела Пелагонија од источната страна,  македонските села Опсирино и село Раково во Грција на југ, Баба Планина на запад и северно селото Драгош.Една од знаменитостите крај манастирот кој е изграден на самата гранична линија и каде се наоѓа граничниот камен со обележјето на поранешната држава СФРЈ, е познатиот Дупен Камен кој  се наоѓа на источната страна од манастирот. Неговото потекло и намена не  се познати, а откриен е од страна на жител од селото Олевени при градежни работи крај манастирот.Конечно, оваа рекреативна велосипедска тура е препорачлива за секој кој сака да помине убав исполнет ден во природа, со убави видици и можности за пријатни мигови и доживувања во блиската околина на Битола, да направи убави фотографии на околината и селфи фотографии за социјалните мрежи.

Драган Ристевски

More from БитолаMore posts in Битола »
More from ВестиMore posts in Вести »