Press "Enter" to skip to content

За “Nipplepeople“ и за врската со Битола

Хрватското таинствено маскирано електро поп дуо “Nipplepeople“ во петок доаѓа во Битола.

“Ниплпипл“ (Nipplepeople) од Загреб, Хрватска е еден од најпопуларните електро – поп бендови во регионот. Мистериозното дуо, кое на сцената настапува маскирано во ретро – футуристички костуми, веќе десетина години егзистира на сцената. Вистински куриозитет е што досега имаат дадено само неколку интервјуа за медиуми, а во едното од нив одговориле само со музички броеви. Преферираат публиката превенствено да ја прими нивната музика и сценски перформанс, наместо да говорат за својата музика, која одлично кокетира и со трип – хопот.

Нивната песна “Фрка“ е апсолутен хит во последниве години. Уникатниот сценски настап е нивно главно обележје, а битолската публика за прв пат ќе има можност да ги види во живо. “Nipplepeople“ пред пар години кренаа “фрка” и покажаа како тоа се прави електронска музика. Инспирирани од песната на легендарната Зденка Ковачичек отпеана во 80-тите, ова дуо му даде нов живот на ретросинглот “Фрка“. Оваа нумера која беше пред времето и во далечната 1981, ја красеше еден за тогаш исклучително провокативен текст напишан од сега веќе починатата актерка и поетеса Славица Марас. Текстот често пати бил причина да се коригираат изведбите.

Внимавајте, автор на музиката е македонскиот композитор Кире Митрев, по потекло битолчанец и водач на тогаш популарната група “КИМ“. Го нарекуваа белградски Македонец, бидејќи многу години од животот поминал таму. Има и свој стаж на музичката академија во Беркли, САД. Тој е еден маестрален џез тромбонист, секогаш баран session музичар и лидер на амбициозно поставениот џез фанк состав КИМ, со кој снимил две многу квалитетни плочи, додека белградската естрада го форсирала развиканиот и комерцијален Оливер Мандиќ.

Петок, на полноќ се гледаме во клубот “Јагода“, на ова по многу нешта необично дуо кое вешто вибрира и како лондонски хаус класик од продукцијата на “Groove Armada“ и како модерен “daily disco“ ритам на трагата на калифорниското дуо “Poolside“ и многу умерено дозираната носталгија од 80-тите.