Press "Enter" to skip to content

Потпишан нов Меморандум за соработка меѓу СОТУ “Ѓорѓи Наумов“ и “Cythero“ компанија со седиште во Чикаго, САД и развојно-истражувачки центар во Битола

Денес, на 13.10.2022 г. во просториите на СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ в.д. Директорката на СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ Битола д-р Жанета Сервини и д-р Никола Рендевски, извршен директор и претседател на “Cythero“, потпишаа Меморандум за соработка, со кој се воспостави долгорочна соработка помеѓу Техничкото училиште од Битола и успешната компјутерска компанијa.

Со потпишувањето на овој Меморандум се заокружува првиот чекор кон отворање на новата дуална паралелка со зголемен број на часови по практична настава за профилот електротехничар за компјутерска техника и автоматика. Со склучувањето на меморандумите средното техничко училиште иницира нов вид на соработка со успешните ИТ компании, а во интерес на учениците и нивната подготвеност за успешна реализација на софтверски проекти.

“Cythero“ е компанија со седиште во Чикаго, САД и развојно-истражувачки центар во Битола. “Cythero“ е лидер во развој на т.н. имерзивни решенија за тренинг во домен на виртуелната реалност (Virtual Reality) и проширената реалност (Augmented Reality) во различни сектори како на пр. автомобилската индустрија, образованието и медицината. Во изминатите години производите на “Cythero“ за тренинг во Виртуелна Реалност побудија огромен интерес како ефикасни алтернативи за тренинг прифатени од голем број на светски реномирани компании како Toyota, BASF, PPG, Axalta, но и огромен број на универзитети и едукативни институции од САД, Австралија, Обединетото Кралство и Европската Унија. Од неодамна дел од виртуелните решенија на Cythero се достапни и на пазарот за VR апликации на Meta (Facebook) Oculus Store.

Д-р Никола Рендевски, извршен директор и претседател на “Cythero“ изјави:

-Ни претставува особена чест и задоволство што имаме можност за ваков тип на соработка со СОТУ „Ѓорги Наумов“. Посебно среќен ме прави фактот што и јас излегов од ова училиште и со посебни емоции се сеќавам на времето поминато во средношколските клупи и на моите професори од Техничко, посебно на професорот Јани Сервини. Исто така, најголем дел од првовработените во “Cythero“ се поранешни ученици на ова училиште, кои под менторство на професорот Сервини освојуваа први места на различни републички натпревари со изработени готови софтверски апликации. Знаењата стекнати во ова училиште за сите нас во “Cythero“ се од непроценлива вредност и среќни сме што го потпишуваме овој меморандум за соработка преку која и ние ќе возвратиме со споделување на знаења од навистина нови и атрактивни технологии со учениците.