Press "Enter" to skip to content

Цвета и Петар Павловски од Битола прославија 60 години брак – дует во песната и во животот (видео+фотогалерија)

Песните кои се слушаа на брановите на Радио Битола “Ах каде е мојто либе“, “Те видов тебе и се заљуби“, “Цветините очи черешови“, “Дали думаш либе“… се преубавите македонски народни песни отпеани од дуетот Цвета и Петар Павловски и се останати во македонската народна музика како едни од најубавите љубовни песни, а ги има околу 50-тина. Испеани со чувства кои не можат да се сокријат, нивната љубов и мерак едно кон друго се пренесува низ нив.Во песната дует, но и во животот. Од 1962 година на Митровден од кога се заедно во брак до денешен Митровден, 8 ноември 2022 година. Тие, вечерба во ресторанот “Корзо“ во Битола прославија 60 години брак со своите син, ќерка, четири внуци и правници и други луѓе кои биле со нив овие шест децении. Љубовта и меракот се уште трае.Г-ѓа Цвета Павловска со возбуда  започна да раскажува како започна нивната љубов…-Со Петар се запознавме во “Радио Битола“. Јас се пријавив да пеам, немав уште 16 години. Петар исто така пееше. Потоа композиторите увидоа дека гласовите ни се совпаѓаат не споија во дует. Подоцна станавме и “дует“ во животот. На денешен ден празник, Митровден, именден на неговиот татко Димче, тогаш остана невеста во куѓата на својот сакан. Ме донесе дома за да ме запознае со неговите родители. Свекрвата ми даде тафта да честам, а потоа рече: нека си остани кај нас, тоа беа зборовите на мојата свекрва.Се присеќаваше Цвета како започна нивниот брак исполнет со песна, убав живот, одмори… цели 60 години. Така да продолжиме и до 70… рече. Со оваа реченица го кажа и рецептот за успешен брак исполнет со љубов и слога која и ден денес не можат да ја сокријат. На младите им порача дека мора да постои толеранција, но и соочување со проблеми, тешкотии кои во секој брак ги има.Г-динот Петар Павловски додава дека љубовта е иста како и пред 60 години, здравјето добро не служи, имал проблеми со корона, но ја пребродил, бидејќи како му рекле докторите немал претходни болести. Сега живееме мирен живот, со нашите внуци и правнуци, вели Петар.Сите беа на прославата, синот, ќерката, внуци и правнуци, фамилија, а нивниот син Сашо Павловски зборуваше за нивната љубов и брак.

-Домаќини цел живот кои го поминаа со песна и убав живот. Мајка ми престане да пее кога требаше да се посвети на семејството, раѓање деца и беше домаќинка. Татко ми е дел од тимот кој го оформи “Водовод“, таму работеше долги години и од таму замина во пензија, а мајка ми работеше во “Иднина“ како моделар. Сега живеат мирен живот со своите внуци и правници.Димче Миновски, нивни пријател, исто така беше на прославата на своите долгогодини пријатели.-Бев млад новинар во “Радио Битола“ кога започнаа да пејат заедно. Нивната љубов се чувствуваше низ песните. Во 60-тите години “Радио Битола“ го слушаа илјадници луѓе, во секоја куќа имаше радио, телевизори малку. Тие беа многу популарен дует. Се пееше во живо, беа под голем притисок, не смееше да се погреши. Но, нивните гласови беа толку  чисти, пријатни исполнети со убави чувства. Се сеќавам тогаш композиторите пишуваа  љубовни песни за нив. Песната “Цветините очи черешови“ е пишувана за Цвета од Ѓорѓи Белџигеровски. Од тогаш трае и нашето пријателство, повеќе од 60 години, бидејќи тие беа заедно и пред да стапат во брак. Многу вечери исполнети со музика и серенади поминав со нив, во Битола, во Брусник… Имаа прекин во пеењето, но им напишав песна и пак започнаа да пеат, се надевам дека тоа и ќе го прават во иднина. Нивната љубов трае цели 60 години и допира до сите, како и нивните љубовни песни.

Жанета Ристевска

More from ВестиMore posts in Вести »