Фудбалскиот клуб Пелистер од Битола синоќа испрати соопштение упатено до спортската јавност во Битола, на четири кола пред крајот на есенскиот дел, кое ви го пренесуваме во целост:
-Летово клубот го превзеде Општина Битола во многу лоша состојба. За кратко време се стабилизиравме, се исплатија четири заостанати плати и се склучија договори со физички и правни лица. Летово постигнавме десет договори со проверени прволигашки фудбалери. Од нив осуммина се битолчани.
Паралелно поставивме координатор во младинската школа и ангажирани се четири нови тренери со кои се подобри тренажниот процес. Таму резултатите веќе се видливи. Организационо клубот е на добар пат, но ова е долг процес.
Резултатите на сениорската екипа не се на посакувано ниво, но имаме уште дваесет кола и ништо не е загубено. На проблемот пристапуваме професионално и без емоции. Во моментов ни треба мобилност и сплотеност, никакви кадровски промени не се предвидени пред зимската пауза.
Ни остануваат уште четири кола, во кои очекуваме четири победи. За време на паузата ќе направиме сериозна анализа и тогаш се можни кадровски промени во зависноист од крајниот пласман на есенскиот дел од шампионатот.
Нема да се предадеме, одиме уште посилно до остварување на целта.