Press "Enter" to skip to content

Битола прв град на Балканот со туристичка понуда за лицата со попреченост

Здружението на лица со телесен инвалидитет на Битола, Демир Хисар и Ресен – МОБИЛНОСТ БИТОЛА и Фондацијата за нови технологии, иновации и трансфер на знаење ГАУС Институт – Битола, по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост – 3 декември и одбележувањето на 35 години “МОБИЛНОСТ БИТОЛА“, ќе имаа промоција на алатки за пристапен туризам, наменети за лицата со попречености. 

Ќе се промовираат туристичка сигналитика за 10 најзначајни културно-историски споменици во Битола наменета за лица со попречености, кои ќе бидат предадени на Општина Битола за да ги постави на пристапни локации пред соодветните знаменитости;  апликација за мобилни уреди – туристички водич за Битола за лица со попречености печатен туристички водич за Битола за слепи лица и лица со оштетен вид. 

Со овие алатки Битола повторно ќе биде прв град на Балканот (а и пошироко), овојпат како прв град со туристичка понуда за лицата со попреченост. 

На промоцијата ќе се обратат градоначалникот на Општина Битола – д-р Тони Коњановски,  ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“, идеен творец и проектант на горенаведените алатки – проф. д-р Игор Неделковски, претседателот на “МОБИЛНОСТ БИТОЛА“ – прим. д-р Нико Јанков,  м-р Јове Парговски, изработувач на алатките и Весна Софронијевска, физиотерапевт и членка на Здружението на слепи лица – Битола, која ќе ја демонстрира употребата на алатките. 

Настанот е дел од проектот „Алтернативно туристичко искуство – Алтернативно патување“, кој МОБИЛНОСТ БИТОЛА го имплементира во рамките на ИПА Интеррег Програмата за прекугранична соработка „Грција – Република Северна Македонија 2014-2020“, и е ко-финансиран од Европската Унија и Националните фондови на земјите учеснички. Целта на проектот е да мотивира трансформација на една територија во инклузивна и пристапна туристичка дестинација, како и да го поддржи одржливиот развој на туризмот за природното и културното наследство во прекуграничниот регион.