Гимназијата “Јосип Броз-Тито“ од Битола е избрана како едно од училиштата победници во проектот “RYCO – Superschools“ заедно со партнер училиштето, Гимназија за странски јазици “Асим Вокши“ – Тирана, Албанија.
-Двете училишта, заеднички ќе реализираме проект насловен со едно интересно име „Modus operandi – Modus vivendi “ Самото име на нашиот проект ни укажува на една многу важна карактеристика за младите луѓе а тоа е “Начинот на работа е одраз на стилот на живеење на младите“, истакнуваат од Горната Гимназија.
Целта на проектот e двете училишта да се фокусираат во изнаоѓање на начини како е да се биде млад одговорен човек во едно вакво тешко време, односно како еден млад човек да стекне одговорност правејќи што повеќе општествено корисни активности. Оваа интеркултурна размена има за цел проширување на ставовите на учениците, создавање на нови пријателсва, а со самото тоа и размена на искуства во регионот на Западен Балкан.
-Нашата намера е да ги имплементираме темите кои што не поврзуваат преку двата образовни системи во нашите држави, Република Македонија и Република Албанија, а со тоа младите би стекнале поголема самодоверба и би го пронашле своето место во регионот. Всушност, преку образовниот систем ние ќе докажеме дека училиштето не е само поле за стекнување на знаења, туку на практичен начин преку различни активности кои се од голема животна важност со учениците ќе докажеме дека младите се насекаде исти, имаат исти потреби, исти интереси и исти желби, додаваат од Гимназијата.
Двете училишта ја потпишаа договорите меѓу партнер училиштата и среќни сме што токму нашето училиште е селектирано како суперучилиште кое ќе учестува во реализација на овој проект и се надеваме дека со активностите и партнерството и на двете училишта ќе дадеме позитивен пример на сите млади во регионот на Западен Балкан. Координатор на проектот е педагогот Биљана Исковска.