Групата “Весели лозари“ од месноста Стрчин над Битола, денеска со зарежување на лозовите насади свечено го одбележаа православниот христијански празник Свети Трифун. По утринската посета на параклисот постевен на светецот Свети Трифун, и на местото каде ќе биде изградена малата црква посветена на Светецот, каде запалија свеќи и се помолија за родна година се упатија во нивните лозја над и во близина на Битола. -Нашата традиција за овој ден е славање на православниот празник Свети Трифун и затоа сме заедно тука на овој ден. Воедно немаме ништо против кои го слават Свети Валентин, ден на вљубените. Виното и љубовта одат заедно, па така според мене е добро кога луѓето нешто прославуваат и се дружат, истакнуваат од оваа група “Весели Лозари“, односно Ристо Кочов кој го зарежа лозјето и оваа година.
Инаку, за разлика од изминатите години кога сите заедно беа организатори, кумови, оваа година за прв има кум, тоа е Томе Стојановски. Оваа година за прославата на Св. Трифун, треба да се напомене дека кај парклисот и темелите на новата црква имаше голема посетеност, над 150 верници.
И семејството Димовски од Битола, веќе шеесетина години поседува лозје во атарот на село Раштани, денеска, како и сите години наназад, со зарежување на лозовите насади, свечено го одбележаа православниот, христијански, празник Свети Трифун. На утринската посета на лозјето највозрасниот Иљо го зарежа лозјето, а претходно во црква со синот Дејан запалија свеќа и се помолија за здравје и родна година. Потоа од зарежаните прачки симболично “сплетија“ и крст кој го поставија на влезот во лозјето.
По православниот адет, зарежување на лозјето, домаќините приредија мала гозба за пријателите кои секоја година доаѓаат во лозјето и им посакуваат ними, родна и успешна година, за околу 1.000 килограми грозје колку “тежи“ годишната берба.
-Се надевам дека и моите внуци ќе ја продолжат оваа традиција, а тие ќе бидат и новата генерација која не само ќе продолжат со одгледување на лозјето, туку и со оваа македонска, православна традиција во чест на светецот, заштитник на лозарите Св. Трифун, вели Иљо.Свечено зарежани беа и лозјата во атарот на Ниже Поле, а еден од “постарите“ жители на селото Сашко Павловски, заедно со своите пријатели го зарежеа лозјето, по зали со вино, как0 и што е адетот и се помоли на светецот, заштитник на лозарите и лозјата за богата и успешна берба.
С.Ристевски