Press "Enter" to skip to content

Коњановски со обраќање пред советниците за Годишниот извештај и Завршната сметка за 2022 година

На денешната седница на Општина Битола се обрати кон советниците и јавноста градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој за Годишниот извештај и Завршната сметка за 2022 година рече.

-Годишниот извештај и Завршната сметка за 2022 година, сакам накратко да потсетам за работата на оваа локална самоуправа во изминатата една година и постигнатите резултати, во услови во кои во последните 17 години не работела ниту една претходна локална самоуправа.

Во време на енергетска и економска криза, кога централната власт покажа целосна незаинтересираност за поддршка на општина Битола, како локална самоуправа, успеавме, минатата година, да реализираме рекорден број на проекти во инфраструктурата, да изготвиме проектна документација за над 65 нови проекти, да ги стабилизираме јавните претпријатија за да може да функционираат, да ги заживееме културата и спортот и да започнеме со реализација на проекти кои ќе водат кон ефикасност и ефективност, подобри услуги за граѓаните преку дигитализација и да овозможиме урбанистичко планирање, согласно современите потреби на градот.

За да го постигнеме ова, а во исто време и редовно да ги регулираме обврските кон економските оператори, од кои дел и ги затекнавме, како наследени обврски од претходното раководство, моравме да го подобриме работењето на општината и во делот на наплатата на данокот на имот, по повеќе основи.

Во вакви услови, за да може, општината да работи на реализација на сите планирани јавни и инфраструктурни проекти, потребна беше ефикасност и ефективност на општинската администрација и придонес на секој од нас во исполнувањето на нашите обврски како граѓани и даночни обврзници, со што и лично, сите ние влијаеме врз развојот на општината, како од аспект на инфраструктура, така и од аспект на реализација на еколошки и други проекти за економски развој.

Ова потврдува дека, со постојана и посветена работа, може да се постигнат резултати и во услови на економска и енергетска криза кога општината е оставена сама на себе.

Изразено низ бројки и проценти, податоците го говорат следното:

Вкупните приходи на општината во периодот од 2018 година до 2022 година бележат зголемување за 433.601.324 денари, односно од 557.837.671 денари во 2018 година приходите се зголемени на 991.438.995 денари. Процентуално зголемувањето изнесува  77,73 %.

Морам да нагласам дека, во периодот до 2021 година, Владата префрлила средства на општината по неколку основи во износ од 52.381.947 денари, додека во 2022 година не е извршен трансфер од Буџетот на РМ кон буџетот на општината.

Општината има дирекно влијание врз остварувањето на приходите од данокот на недвижен имот на физички и правни лица.

Наплатата на даноците на имот во 2022 година во однос на 2021 бележи вкупно зголемување за 23.044.021 денари, односно за 13,55 %. Релизацијата на приходите од данок на имот на физички и правни лица во однос на планираните изнесува 100,62%.

Работата на новите проектни документации значеше подготовка на проекти кои ќе се реализираат оваа градежна сезона. Тоа, секако резултираше со наменско трошење на парите на граѓаните, како за реализација на градежни работи, реконструкција на улици и патишта, подготовка на проектна документација и други трошоци, со што вкупните трошоци на општината за други градежни работи, во споредба со 2018 се зголемени за 75,65%, односно од  182.520.644 денари во 2018 година се зголемиле на 320.604.011 денари до 2022 годинашто повторно укажува на нашата посветена работа изминатата година и редовното подмирување на обврските кон економските оператори.

Во споредба со 2021 година, минатата година имаме зголемување во реализацијата за изградба и реконструкција на улици од 25,94 %, за изградба  и реконструкција на пречистителни станици и колектори, зголемување од 163,43 %, а зголемувањето на трошоците за изградба и реконструкција на капацитети за водоснабдување, изнесува 14,85 %.

За првпат, заради состојбата во која ги затекнавме повеќето јавни претпријатија, за да може успешно да функционираат, истите ги субвенциониравме со 1.500.000 денари.

Ја зајакнавме соработката со невладиниот сектор, ја заживеавме културата, а преку Програмата за спорт и млади, започнавме со реализација на повеќе проекти за младите, додека во исто време се насочивме и кон развој на спортот.

Битола е горда на многу спортисти, кои со генерации ја промовираат нашата општина и во светски рамки. Затоа, како општина, покрај инвестициите во подобрување на спортската инфраструктура, одлучивме да бидеме силна поддршка и за спортските клубови кои очекувам да донесат спортско издигнување на Битола. Во овој дел, финансирањето на спортските клубови е зголемено од 36.312.246 денари во 2021 година на 70.880.000 денари во 2022 година или за 95,20 %.

И сите овие проекти и активности, ги реализираме, како што споменав без владина поддршка, во време кога, трошоците за електрична енергија за 2022 година, во споредба со 2021, се зголемени за 71.242.409 денари или 296,84 %. (скоро 300%)

И додека локалната самоуправа, континуирано работи на обезбедување доволно средства за реализација на нови проекти, истовремено се грижи за редовно плаќање на тековните обврски од работењето, за разлика од периодот 2018 до 2021 година, кога тоа не било случај, што резултирало со зголемување на краткорочните обврски спрема добавувачи и краткорочните финансиски обврски на општината за 278,65%.

Како што реков, со овој начин на работа, подготвени сме за реконструкција и изградба на над 40 улици, адаптација на стационар за бездомни животни, реализација на проектот „Подобра социјална инклузија за млади, спорт и рекреација на потегот Тумбе – кафе – Смолево“, изградба на велосипедски и пешачки патеки, отпочнување на проектот за изградба на нова противпожарна зграда, доизградба на новиот парк во нова Битола, изведба на канализација, колектор и градба за прочистување на отпадни води во НП „Пелистер“, продолжуваме со изработката на новиот генерален урбанистички план, а за неколку месеци општината ќе има и целосно дигитализирани услуги.

Ваквиот начин на работа, е само една дополнителна потврда за нашето посветено работење, што се надевам дека во идниот период ќе ја мотивира и централната власт, да забрза со реализацијата на проектот за гасификација, кој за Битола е многу значаен како од еколошки, така и од енергетски аспект.

Реализацијата, проектната подготвеност и завршната сметка, се потврда за она што јас како градоначалник и општинската администрација, со Ваша поддршка го реализиравме во 2022 година.

За разлика од минатата година, годинава, со многу поголема проектна подготвеност, влегуваме во новата градежна сезона.

More from ВестиMore posts in Вести »