Press "Enter" to skip to content

Осум жени од Битола, Ана, Габриела, Гордана, Зана, Маја, Маријана, Маргарита и Фросина за 8. Март

Жанета Ристевска

Меѓународниот ден на жената, 8, Март е ден кога се одбележува борбата на жената за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Еден од главните предизвици на жената денес е да се направи баланс меѓу приватниот и професионалниот живот… Кај нас се уште постои стереотип дали жената може да се носи со улогата да врши значајна функција во општествено- политичкиот живот?

Одговорот лежи во стереотипите кои постојат за улогата на жената и постигнување равноправност на половите. Голема улога во однос на ова игра воспитувањето на машките и женски деца која е во однос на културата кон која припаѓаме. Културното наследство е нешто што се учи од мали нозе. Наследни биолошки фактори го одредува полот на детето, но родниот идентитет се врзува за културно-психолошки идентитет и оттука кај родителите постои свесна или несвесна разлика во воспитувањето на машките и женските деца.

Некогаш пораките кои родителите им ги упатуваат на своите деца се различни во однос на полот на детето. Така од машките деца се очекува да биде силно, упорно, повеќе да се посвети на постигнувања… Од друга страна пак на девочињата им е дозволено да бидат емотивни, нежни, топли… Ако гледаме со очите на модерниот свет, девојчето/ката е добра само ако е послушна, а момчето ако е силно и способно. Девојчињата од мали се учат на емпатија, така што се грижат кога си играат со кукли, им се купуваат сетови со кујна… Потоа да се грижат за помалиот брат или сестра и на тој начин се подготвуваат за улогата на мајка. Од друга страна момчињата се учат на спротивни работи, да се заштитнички настоени кон семејството, и „не смеат“ да покажуваат слабост, (“Не плачи, не си женско“…). Но, жената на 21 век  мора да е СИЛНА и се бори  со предизвиците на современиот начин на живеење. Од неа се бара да биде успешна во кариера, како жена, мајка, сопруга. Денес жените завземаат виоки менаџерски позиции,  успешни се во професии каде доминираат мажите. Моите соговорнички споделија нивни искуства за предизвиците со кои се соочува современата жена во 21 век, а рапоредот е по азбучен ред на нивните имиња.

Ана Ристевска, сопственичка на “Јавен Адвертајзинг Едукација“-Ден на жената, меѓународен ден посветен на одбележувањето на социјалните, економските, културните и политичките достигнувања на жените. Ден за подигнување на свесноста за тековната борба за родова еднаквост и правата на жените. Жените кои работат во ИТ индустријата често се соочуваат со значајни предизвици, вклучително и родова пристрасност, недостаток на различност и застапеност. Жените исто така се сфатени како помалку компетентни или помалку посветени од мажите кои работат во оваа индустрија. Исто така има енормен недостиг од женски примери во ИТ индустријата, особено на лидерски позиции, што дополнително придонесува за отежнување на жените да се замислат себеси на ваква позиција. Меѓутоа, со упорност, напорна работа и поддршка, секој од нас може да ги надмине овие пречки и да ги постигне своите цели. Затоа, Меѓународниот ден на жената е особено релевантен за жените во ИТ индустријата, бидејќи дава можност да се истакне напредокот што е постигнат и работата што секојневно се прави за да се достигне целосна родова еднаквост на ова поле. На овој Меѓународен ден на жената, да продолжиме да се залагаме за поголема застапеност и еднаквост во ИТ индустријата, со цел сите жени да имаат можност за успех и да напредок. Нашата посветеност, вештини и стручност помагаат да се обликува иднината на технологијата, а ние – жените треба да сме инспирација за другите жени! Среќен меѓународен ден на жената!

Габриела Илиевска, претседателка на Советот на Општина Битола

-Да се биде жена во машки свет значи да бидеш силна и на штикли и во патики.  Значи да стоиш цврсто на нозе борејќи се за своите соништа,да се соочиш со сите проблеми кои ќе ти застанат на патот. Да се биде жена во машки свет значи да ги “крепиш” сите удари и оние кои ти ги задава животот, но и оние кои доаѓаат од луѓето и целиот тој свет на го носиш на своите рамена.  Да се биде жена во машки свет значи да бидеш борец, во секоја смисла на зборот.  Жените во политиката и бизнисот се застапени онолку колку што самите сакаат да бидат застапени. Во изминатите години станавме погласни, се охрабривме да превземаме повеќе иницијативи и тоа е она што ги менува бројките на застапеност. Борбата за еднакви можности не е борба само на жените , таа е борба на цело општество. Овој свет е на сите кои секојдневно се борат, на сите кои не се откажуваат, на сите оние кои се надеваат!

Г0рдана Балтовска, член на Управниот одбор на Стопанска банка АД Битола-Жените имаат многу улоги во животот, да бидат самите на себе доволни, да бидат мајки, да бидат модел за општеството. Ако сите фактори не се поклопат никогаш нема да го добиете признанието од светот, вели Кристин Лагард  и тоа е современиот модел во кој жените треба да веруваат доколку се стремат кон вечната борба за правата на жената која нема крај, а има само свој почеток. Убаво е кога се обележува 8 март, со своето историско значење за економска, политичка и социјална рамноправност на жените со мажите, но тоа само треба да биде потсетник дека жената треба да ги слави и останатите 364 дена во годината. Како дел од менаџментот во Стопанска банка а.д. Битола со 20 годишно работно искуство во банкарството, сметам дека поголемата вклученост на жените во општеството и економијата носи поголеми придобивки за сите, имајќи во предвид дека скоро половина од работоспосовното население на планетата се жени, а скоро половина од истите се вклучени како работоспособна сила. Во нашата компанија особено се внимава на сите елементи на родова застапеност, со посебен акцент на почитувањето на правата на сите жени кои се се позастапени и во повисоките менаџерски позиции што е уште една потврда дека стереотипот на “машки“ и “женски“ работни позиции, плати, професии се помалку го има. Од неодамна, како претседател на Локалниот Економски Социјален Совет на Општина Битола се соочив со голем предизвик и како професионалец и како жена, но она што особено ме радува е дека во тој Совет учествуваат многу силни жени кои ја заслужуваат цела почит и воодушевување, зашто се пример за силни, муди, храбри жени кои знаат да се носат со многу животни предизвици. Како жена, како жени, како припаднички на едниот од двата пола да си го повторуваме секојдневно следново: “Да не се прашуваме дали ќе ни дозволат, туку кој ќе не спречи“.

Зана Богоевски, В.Д. командир на  полициска станица за безбедност на патниот сообраќај-Не е едноставно да се спојат заедно професијата, улогата на сопруга и мајка, сето ова бара големи одрекувања, голем притисок со кој треба да се носиме за да го издржиме секојдневието кое е премногу долго, а некогаш кратко за да се заврши се. Со оглед на тоа дека живееме во едно стереотипно општество каде професиите сеуште ги делат на машки и женски, тогаш мораме да знаеме дека борбата за правата мораме да ја носиме ние жените во прв ред. Како прва жена командир во полициска станица за безбедност на патниот сообраќај – Битола имам поголем товар, ако работата не е успешна ќе носам товар и белег, а доколку биде успешна ќе им отвори врати и на други жени. Полициската работа иако е тешка, стресна, физички и психички напорна од друга страна те исполнува оти знаеш дека работиш за доброто на граѓаните. На сите жени им го честитам Меѓународниот ден на жената и им посакувам многу успех, а успехот зависи од упорноста, истрајноста и сопствените амбиции.

Маја Андоновска – Илиевски, директорка на Центарот за култура-Јас имав привилегија да растам со една силна жена, карпа, мојата мајка, мојата челична дама. Како самохран родител, мајка ми ми беше рол модел, најточен пример дека жената во себе има сила планини да поместува. Мајка ми ми беше и мајка и татко, домаќинка но и успешна жена менаџер, а тоа што цел живот ги поддржуваше моите одлуки, дури и кога грешев, само ми помогна да се оформам во темелна,правична, емотивна, упорна, борбена личност.  Јас секојдневно се соочувам со истите предизвици како и секоја жена. Се трудам да бидам нежна а посилна од камен, да бидам амбициозна и успешна и на работното место но и во домот, да бидам мајка за пример на своето дете, да бидам водилка на луѓето со кои работам, да бидам своја, а секогаш различна на театарските штици. Јас сум жена која има и гласно искажува став и цврсто стои позади своите зборови, јас сум жена која гласно се смее ,јас сум жена на која и светат очите и се радува на туѓите успеси во овој чуден свет, јас сум жена на која емоциите и се и јака страна и најголема мана во исто време, јас сум жена која поддржува други жени, јас сум жена која плаче, јас сум жена која не поднесува неправда и насилство… Но сметам дека нас жените  уште многу борби не чекаат, за да не не поздравуваат со погрдни зборови, за да не не дефинираат по должината на здолништата, ширината на пантолоните и длабината на деколтето, бојата на карминот и да не ја сметаат амбициозноста и успехот како грев. Ние жените мора да започнеме да препознаваме која е разликата на говор на омраза и конструктивна критика.  За мене 8 март е само еден ден кога се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите, но за да тоа се случи ги имам сите останати денови во годината…  За крај, освен мајка ми, растејќи на мојот животен пат среќавав и се опкружив со неколку Клара Цеткин и Роза Луксембург жени во мојот живот. Жени кои извршија големо влијание во моето оформување како жена. Жени кои ме инспирираа да бидам своја, да не спијам и да бидам активна во одлучувањето и водењето на сопствените револуции во времето во кое живеам. Сакам да им се заблагодарам, што ме научија на важноста на 8 Март секој ден во годината, а не само на 8 Март.

Маријана Милевска, директорка на “Преда Плус“-За да имаме свет кој нуди еднакви можности за жените и мажите потребни се 2 работи. Прво, потребно е да се работи на воспитување на девојчињата, но и на момчињата дека постојат различни улоги кои не може да се само машки или само женски, дека некои од нив се стериотипизирани како улогата на грижа за децата или старите во фамилијата и да се зборува отворено за еднаквоста. Секоја промена на индивидуа, носи промена на заедицата, па и на земјата. Но, тоа ќе трае многу долго. Затоа, второ потребно е да градиме и амбиент кој ќе овозможи и жените и мажите да го искористат својот потенцијал. Тоа значи достапни услуги за грижа на децата, тоа значи промоција на позитивни примери, тоа значи отворена дебата на темата. Најважно од се е дека еднаквост не се постигнува преку ден, не е спринт, туку маратон за сите нас.

Маргарита Камбовска, лекар педијатар во болница “Плодност“-Скоро цел мој живот овој празник го доживував како празник за мајката. Истовремено се прашував зошто само на тој ден се купуваат цвекиња, се учат песнички и се изработуваат честитки за мајките и најчесто нашите сакани наставнички. Јас растев во семејство во кое сите деца имавме еднакви права и стимулација на нашите амбиции, исклучително голема поддршка од нашите родители во остварувањето на нашите цели. Живееме во НОВО време. Време во кое информациите, знаењето е подостапно од секогаш. Време во кое треба да ги поддржиме жените во оние земји каде се обесправени. Сметам дека во нашата земја жената може да се гордее со многу достигнувања во областа на науката, медицината, политиката, образованието, културата, спортот, претприемништво. Тоа е резултат на максимална посветеност, многу труд, залагање. Секогаш постои простор за напредок, за подобрување на правата и условите на сите жени во нашето општество, без оглед на нивното потекло од секаков вид. Жените со сиот свој интегритет треба со гордост да ги прават транспарентни своите достигнувања, колективно да помогнат во градењето на нов инклузивен свет, свет кој ке биде добро место за живеење на сите. Гласно да се спротивстават на насилството, нееднаквоста, неправедноста зошто соништата и амбициите на една жена немаат граници.

Фросина Аневска,  менаџер на продажба, финанско друштво “СН Финансии“-Интернационалниот ден на жената многумина го користат како миг на себепромоција. Кај нас, во “СН Финансии“ „жените можат“ не е само флоскула, туку и активизам и акција. 8.  Март е само еден ден во годината кога се присетуваме на борбата за правата на жените, но да не заборавиме дека таа борба трае секој ден. Разликата помеѓу жените и мажите е особено изразена посебно  на застапеноста на раководните функции генерално, и тоа не е проблем само во нашата економија, туку и на глобално ниво. Но, можам слободно да кажам дека сум горда што работам во компанија која го докажува сосема спротивното. Во “СН финансии“ 77% од вработените се жени, а фактот дека 50% од раководните функции во компанијата го имаат жените е уште поважен. Сите тие безусловно веруваат во она што го работат, не се штедат кога работата е во прашање, доминираат со своите интелектуални квалитети, но и со емпатија да помогнат секогаш и секому. Истакнувајки ја важноста на жената, “СН Финансии“, четврта година по ред ќе ја организира кампања под мотото “Кај нас жените можат”.  Целта е да дадеме силен импулс на подршка на жените, јакнење на нивното сознание дека ја имаат моќта на одлучување во сопствените раце, не сомневајќи се во својата способнот и знаење. Ние сме тука за нив, да им помогнеме полесно да ги остварат своите планови и желби до конечно добивање на местото кое го заслужуваат.

Празникот 8. Март  треба да служи за потсетување на  положба на жените во минатото и колку успеале до денес. Да веруваат во себе и да се трудат да го постигнат она што го посакуваат.