Press "Enter" to skip to content

Со комеморација, полагање цвеќе, поворка на живите и

Денес во Битола со повеќе настани се одбележа 80 годишнината од депортации на Евреите од Битола, на 11 март 1943 година, кога 3.350 битолски Евреи беа одведени во логорите на смртта.На комеморацијата присуствуваа Шефот на Мисијата на ОБСЕ г-дин Килиан Вал, заменик амбасадорот на Германија, Ото Граф, други претставници на дипломатскиот кор, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, Ректорот на УКЛО – проф. д-р Игор Неделковски, претставници од Советот на општина Битола, претставници на Еврејската заедница во Република Македонија и Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија, како и други делегации и гости.На комеморација која се одржа во Офицерски дом пред присутните се обратија градоначалникот на Битола, министерката за култура и Пепо Леви претседател на Еврејската заедница.Коњановски истакна дека овој ден е потсетување на едно тешко време исполнето со многу невини жртви, но и наша порака во денешнината.-После 80 години, страшното злосторство на депортацијата во логорот на смртта во Треблинка на 798 семејства со 3.351 битолски Евреи, наши сограѓани, останува болно сеќавање на Битола, за луѓето кои на суров начин ги загубиле своите животи, но и наша порака во денешнината никогаш да не дозволиме злото против човештвото да се повтори. Само со почит кон минатото и извлекување поука од него, можеме заедно сплотени, со пријателство и љубов, да продолжиме напред, во денешнината која ќе ја стави во вечен заборав деструктивноста, негувајќи ги добрината, моралот и високите цивилизациски вредности. Зачувувањето на спомените за големата хероина Естреја Овадија Мара, нејзиниот борбен дух, спомените за еден од најпознатиот лекари Хаим Абраванел и многу други, историски значајни личности – Евреи кои живееле во Битола и во Македонија, се уште една потврда за нашето заедништво, пријателство и соработка.Во своето обраќање, Костадиновска-Стојчевска истакна дека на 11 март, битолчани секогаш ја наведнуваат главата од почит кон своите 3.350 жители, македонски Евреи, за никогаш да не се повтори.-И денеска, ќе бидеме дел од Поворката на живите, минувајќи го молкум патот што го врвеа оние што не се вратија. На пругата ќе оставиме каменчиња како симбол на вечно паметење и молитва за почит кон оние што неповратно беа одведени. Зашто драгите луѓе никогаш не ги погребуваме, нив ги испраќаме. Нека им е вечен споменот. Битола никогаш нема да го заборави тоа злокобно мартовско утро пред 80 години кога за последен пат 973 еврејски семејства го пречекорија прагот од своите домови. Истиот ден, со 14 сточни вагони почнала депортацијата на битолските Евреи. Првата станица бил логорот кај Скопскиот монопол. Следната и последна – Треблинка. Денеска не им судиме на злосторниците и на нивните слуги“,  рече министерката за култура, „денеска го чуваме од заборав нивното злосторство, за никогаш да не се повтори. Ќе му оддадемe почит на доктор Хаим Абраванел, првиот лекар специјалист кој Битола, на храбрата Естреја Овадија, со партизанско име Мара, која загинала на неполни 22 години бранејќи ја својата Македонија од фашистичкиот окупатор и е прогласена е за народен херој. Претседателот на Еврејската заедница во земјава, Пепо Леви, во битолскиот Офицерски дом потсети дека со депортирањето на 7144 Евреи, Македонија загуби 98 проценти од вкупната еврејска популација, а денес во Битола не живее ниту еден Евреин.-Поминаа 80 години, а никој не се врати, но се уште има живи сведоци кои го паметат тоа студено мартовско утро од 1943 година кои се сеќаваат како бугарските фашисти ги собираа од нивните домови, ги фрлаа во сточни вагони за да ги однесат на пат со неповрат. Тогаш, 3276 битолски Евреи беа однесени во Треблинка и никогаш не се вратија. За жал, идеите за уништување на Евреите постојат и денес. Денес во делови на светот, но и во срцето на Европа, да бидеш Евреин повторно станува многу опасно и затоа потсетуваме, опоменуваме, да не се заборави, посочи Леви.Потоа делегациите положија свежо цвеќе пред Споменикот на жртвите на холокаустот и пред Споменикот на Естреја Овадија Мара кај Здравствениот дом “Хаим Абраванел“.Таму положија цвеќе и делегација на Парламентот на Македонија, составена од пратеничките од Битола Олга Лозановска и Силвана Ангелеска.Потоа според востановената традиција и годинава се одржа поворка на живите, која почна пред здравствениот дом „Д-р Хаим Абраванел“, преку Широк Сокак, градскиот парк каде била Еврејската синагога заврши на Железничка станица во Битола.Таму во спомен на загинатите беа положени цвеќиња и камчиња со имињата на жртвите, а се одржа и кадиш.Дел од делегациите за крај на годинешното одбележување ги посети и Еврејските гробишата во Битола, во населбата “Ушици“.

More from ВестиMore posts in Вести »