По вчерашното претставување во Битола пред ракометарите, денес во клубските простории на Еурофарм Пелистер беше и официјалното претставување на двајцата стратези кои ќе го водат тимот од Битола, Александар Јовиќ и Ѕвонко Шундовски.Новиот тренер Јовиќ и новиот стручен тим-менаџер на Еурофарм Пелистер, Шундовски тоа го направија заедно со директорот на клубот Димитар Митревски.
На официjалното претставување Александар Јовиќ рече:-Најпрво сакам да и се заблагодарам на управата на клубот на укажаната доверба. Исто така сакам да испратам голема благодарност до Ѕвонко Шундовски за прифатената понуда да биде наш ментор. Со овој потег Шундовски покажа колку му значи клубот и градот Битола. Потег за поздравување, тој е најдобриот македонски тренер, а јас и Зарков сме тренери-учители, и мислам дека одлично се покажавме во последните сезони. Со Ѕвонко добивме тренер натпреварувач, кој што ќе нè води во правилна насока. Затоа сметам дека клубот направи одличен потег. Мислам дека со позитивна мисла и добро насочена работа ќе ги оствариме целите на клубот за оваа сезона.
Ѕвонко Шундовски по десетина години се врати во Битола и на денешното претставување за ко нов стручен тим-менаџер на Еурофарм Пелистер, рече:-По подолго време повторно сум дел од битолскиот ракомет и многу сум мотивиран. Мојата примарна цел е да го вратиме ракометот во Битола на старата слава и патишта. Помина многу време од последната двојна круна на клубот. Сите од стручниот штаб знаеме дека времето е кратко, но ќе направиме напори да успееме да ја вклопиме и синхронизираме екипата за да ги вратиме пехарите во нашите витрини. Еурофарм Пелистер располага со квалитетни играчи и широк ростер. Квалитет има, но некако не успеа сета тоа да се вклопи во еден систем кој ќе донесе резултати. Наша цел во овој краток период е да пробаме да ја воиграме екипата и со нов систем да атакуваме на двете титули.
Дебито на новиот тренер на Еурофарм Пелистер и тим-менаџер е предвидено за вторник од 18:00 часот, кога во рамките од четвртото коло на групата “А“ на СЕХА лигата, во Битола ќе гостува Нексе.