Со еднодневна клавирска програма со 47 композиции за пијано беше одбележан Денот на пијаното 29 март во КИЦ Офицерски дом во Битола.На пијано-маратонот кој започна во претпладневните часови, а заврши вечерта со Свечен концерт, настапија ученици од нижото и средното Државно музичко училиште од Битола.
Вечерниот Свечен концерт започна со обраќањето на директорот Кирил Стојчевски, кој на бројната публика им се заблагодари за присуството и нагласи дека по традиција секој 88 ден во годината се прославува како Ден на пијаното, заради симболиката на 88 -те клавиши кои ги има инструментот пијано.
На присутните им се обрати проф. Татјана Божиновска од одделот за пијано, која ја нагласи децениската традиција на музичкото образование во Битола, познат и како град на клавирите. Битолската публика и младите изведувачи до 18 години преку видео врска ги поздравија колегите Јури Кот од Киев и Катарина Крпан од Загреб.
Следуваше Свечениот концерт на кој беа изведени дела за пијано од современи и класични автори. Прекрасните изведби на младите талентирани ученици, на крајот беа наградени со силни аплаузи, а директорот Кирил Стојчевски им додели и дипломи за учество.
Д.Р.