Press "Enter" to skip to content

Старт на УКЛО неформалното учење, проект за студенти за лична надградба (фотогалерија)

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола го започна проектот   „УКЛО НЕФОРМАЛНО УЧЕЊЕ“. Во првата еднодневна сесија во Битола се одржаа три работилници наменети за студентите.Во првата тема:„Алатки за комуникација со  медиумите“ учествуваа дипломираните новинари: главниот и одговорен уредник на УКЛО ФМ, м-р Соња Тантарова Груеска и м-р Елизабета.А. Атанасоска, од Ректоратот на УКЛО. Тие ги обучуваа студентите за пишување покани и соопштенија, одржување пресс конференции, брифинзи и други  начини за комуникација со медиумите. Главниот и одговорен уредник на УКЛО ФМ, м-р Соња Тантарова Груеска потенцира:-Да се разберат медиумите е важно како за оние кои работат во нив, така и за оние кои преку овие средства ги пренесуваат своите пораки. Затоа сметавме дека е добро студентите да ги запознаеме со алатките преку кои можат да комуницираат со медиумите, да стекнат вештини за самопромоција, да научат како да се прикажат пред јавноста. како да се однесуваат со новинарите, како да настапуваат пред медиумите, да се претставуваат себе си и да бидат вистинско огледало на Универзитетот.  Воедно ја искористивме приликата да ги поканиме да станат дел од редакцијата на Универзитетското радио УКЛО ФМ – Битола и од весникот ,,Универзитетски глас“. Секако поканата ја упатуваме и до оние кои не беа дел од оваа работилница. Работилницата „Вештини за јавно говорење и култура на говорот“ ја водеше професорката од Педагошкиот факултет, проф. д-р Билјана Граматковски. Таа ги обучуваше студентите за јавно говорење, подобрување на вештините за изразување и култура на говорот, за остварување успешно себеизразување и ефективни презентации. Студентите низ необични вежби имаа можност да работат на подобрување на вештините за јавно говорење, аргументирано изразување, да остваруваат поуспешни презентации што ќе им користат и пред работодавачите, како  и за унапредување на професионалната кариера.Професорката Граматковски смета дека модерната, едуцирана публика бара од говорникот да биде искрен, да има добро знаење за нешто важно и корисно, во целост да ги внесе своите чувства и убедувања во темата што ја говори и да ја прикаже суштината на својот говор со едноставни, природни и впечатливи зборови и израз“.Првиот серијал  е заокружен со обуката „Комуницирање со јавност и јавни настапи“. Професорката, Снежана Мојсовска Саламовска со инвентивна дискусија и вежби ги анимираше студентите за начините за градење и зајакнување на имиџот во јавноста, преку осмислена комуникација низ јавните настапи како важно подрачје во маркетинг стратегијата.Професорката од Економскиот факултет од Прилеп, д-р Снежана Мојсовска  Саламовска оценува дека неформалното образование дава други можности за разлика од формалното.-Oвие проекти за неформално учење ни даваат можност до студентите да се доближиме како луѓе и да покажаме дека образованието може да биде поинакво, да биде забавно учење, но единствено како надополнување на формалното учење. Овие знаења се корисни бидејќи им се потребни на сите, а не се изучуваат на сите единици. Во пракса, веднаш по дипломирањето студентите се соочуваат со презентација, со јавен настап и опасно е да се настапува во јавност неподготвен. Но, каде да ги стекнат тие знаења, а од друга страна не може да не се комуницира со јавноста, независно дали е потесна или поширока. Затоа, непроценлива е вредноста на овие знаења токму заради тоа што студентите доаѓаат од различни профили и секој од нив ќе најде начин како да си ги вклопи и да ги користи.Учесниците во првата сесија со неподелена оценка, станува збор за одлична иницијатива, прекрасно искуство кое треба да продолжи и да се надградува. Гаврил Трајковски од ФИКТ вели: „Сметам дека работилниците се одлични. Тие се можност за студентите да се надоградат со нови вештини кои ќе им користат и во текот на животот“. Ана Талевска од ТТФ – Велес: „Убаво си поминав, задоволна сум, беше многи интересно и научивме многу, како да се подготвуваме за јавен настап, како да се опуштиме и очекувам да ќе имаме уште повеќе практични примери и вежби.“Инаку, проектот „УКЛО НЕФОРМАЛНО УЧЕЊЕ“ се одржува во Студентскиот информативен центар на Универзитетот и започна на 3.04.2023 г. „УКЛО НЕФОРМАЛНО УЧЕЊЕ“ опфаќа повеќе обуки структурирани во два пакета: за поттикнување на креативност, иновативност и мотивирачко опкружување за учење, како и работилници за поттикнување на современи истражувачки и создавачки пристап и знаење. Обуките и термините на одржување, УКЛО ги постави на својата веб страница на СИЦ календарот: https://uklo.edu.mk/sic-kalendar/.

More from ВестиMore posts in Вести »