Во рудникот ПЈС Суводол на РЕК Битола пуштен е во употреба новиот јаловински систем. Овој систем годипно ќе овозможи ископ на јаловина од околу 3 милиони тони, со што двојно ќе се зголеми капацитетот за откривка на јагленот потребен за производство на електрична енергија.Изградбата на јаловински систем чини околу седум милиони евра, но вработените и менаџерскиот тим во РЕК, во соработка со Фабриката за опрема и делови го направија од репарирани стари делови.
-Ние со сопствени сили оспособивме стари станици и други пропратни елементи за системот со помош на ФОД за да направиме нов систем и да обезбедиме стабилно производство. Една година го подготвувавме системот кој беше долго најавуван, а требаше да работи пред 10 до 15 години. Со ова во РЕК почнуваат работите за новата грејна сезона 2024, а оваа веќе ја завршуваме со над 300 000 тони јаглен на депонија, рече директорот на РЕК „Битола“ Пеце Матевски.
Ова е втор јаловински систем во Суводол, рудник каде има уште околу 45 милиони тони резерви јаглен за ископ што ќе биде доволно за следните 15-тина години.
-Системот е составен од пет транспортери, пет погонски станици, багер одлагач, во должина од 3 и пол километри и ќе го зголеми двојно ископот на јаловина во однос на претходната година зашто сега ќе копаат два системи, рече Димитар Петковски, технички директор на ПЕ Рудници.
Новиот јаловинскиот систем во рудникот ПЈС Суводол требаше да биде ставен во функција пред 15 години, но тоа не беше направено заради немање на материјали, но и заради немарност на поранешните одговорни лица, вели техничкиот директор на Рудници, Драган Видановски. -Со пуштањето на овој систем ќе се намали механизацијата што ќе ископува во рудникот Суводол јаловина која не чинеше многу пари. Со ова ги намалуваме нашите трошоци, а го зголемуваме профитот на компанијата. Ако е поевтин ископот ќе биде и поевтина цената на јагленот, а тоа ќе се рефлектира и на цената на струјата, рече Драган Видановски, технички директор на ПЕ Рудници на РЕК „Битола“.