Press "Enter" to skip to content

Со “Ала турка и ала франга концерт“ започна детскиот фолклорен фестивал “Весел петок“ (фотогалерија)

Вечерва во свечената сала на Офицерски дом во Битола со “Ала турка и ала франга концерт“ започна првото издание на новиот детски фолклорен фестивал “Весел петок“ посветен на градската традиција, со цел таа да продолжи. Во рамки на фестивалот ќе се одржат голем број на манифестации во кој ќе бидат учесници детски фолклорни ансамбли од Македонија и странство, а централна манифестација ќе биде одбележувањето на празникот “Источен петок Балаклија“ односно “Градски – селски Велидген“.На вечерашниот одличен концерт во Офицерски дом настапија членовите на КУД “Илинден“ од  Битола од главниот и младинскиот ансамбл кои се претставија во одлично издание пред публиката.Фестивалот е посветен на верскиот празник “Источен петок Балаклија“, така наречениот “Градски“ односно “Селски Велигден“, кој се одржува во Јени Маале, а е вековна традоција.  Просторот каде што се доселувале немало изградено објекти, градејќи ги куќите оставиле широк простор кој што им служел за собири и го нарекле Средсело, а населбата го добила името: Јенни махали, Ени махала, Ново маало, Јени маало, а жителите си го викале Гени маале или Ѓенимале. Заедничка слава на сите, односно на Ѓенимале бил верскиот празник „Источен петок Балаклија“, така наречениот „Градски“ односно „Селски Велигден“ и се одржува петок после Велигден во така наречената “Светла седмица“ односно „Светлата недела“. На тој ден водата од изворите е света и чудотворна, затоа тој петок го викале: „Светол петок“ или „Благ петок“, односно тој ден е среќен и весел ден.Фестивалот продолжува во четврток на 20 април во ОУ “Даме Груев“ во Битола каде ќе настапат КУД “Илинден“ (детски ансамбл), секции при ОУ “Даме Груев“,  КУД “Илинден“ од Демир Хисар, КУД “8-ми Октомври“ од Крива Паланка и училиште за фолклор “Теблаб“ од Будимпешта, Унгарија. На 21 април запоќнува “Градски-селски Велигден“ со дефиле на фолклорни групи низ Јени маало. Потоа во Долно средсело Јени маало ќе настапат настап детските групи на КУД “Илинден“ од Битола, КУД “Дримкол“ од Вевчани, ФА “Китка“ од Истивања и училиште за фолклор “Теблаб“ од Будимпешта.На 22 април во Офицерски дом ќе има настап на инструменталистите од проектот за изучување на традционални инструменти од битолско поле и КУД “Илинден“ од Битола (детски ансамбл), училиште за фолклор “Теблаб“ Будимпешта, АНИП “Орце Николов“ Скопје (детски ансамбл) и КУД “Јане Сандански“ од Неготино (детски ансамбл).Инаку, Културно Уметничкото Друштво “Илинден“ од Битола е формирано во 1955 година во битолската населба Генимале и со активно творештво истражува, негува и презентира народната традиција на локалното население кое што со векови живее во таа населба односно во тоа маало. За таа цел во изминатиот период друштвото настојува да ја одржи во живот традицијата во сите појавни културни облици, со акцент на обичајот „Градски – селски Велигден“. Во таа насока секоја година во првиот петок после Велигден, на верскиот празник „Источен петок Балаклија“, групите и ансамблите на „Илинден“ излегуваат низ улиците на Генимале, а на Генималското средсело реализираат соборски презентации.Со цел младите генерации да ја продолжат традицијата од оваа година КУД „Илинден“ Битола започнува со организација на Детски фолклорен фестивал насловен како „Весел Петок“. Во рамките на фестивалот од 18 до 22 април 2023 година ќе се одржат голем број на манифестации во кој ќе бидат учесници детски фолклорни ансамбли од Македонија и странство, а централна манифестација ќе биде одбележувањето на празникот „Источен петок Балаклија“ односно „Градски – селски Велидген“ на 21 април во петок со почеток во 13 часот на Средсело во Генимаале.

More from КултураMore posts in Култура »