Во финалниот настан, кој се одржа денеска во салата „Борис Трајковски“ на Собранието, екипата на Гимназијата “Јосип Броз Тито“ од Битола го освои третото место на новото издание на едукативната активност “Имам став!“, кое се одржа во текот на месеците март и април.
Гимназијалците од Битола и нивните врсници дискутираа на три теми: безбедноста во патниот сообраќај, борбата со феноменот на лажни вести (fake news) и начинот на исхрана и консумирањето брза храна.
Учениците од средното училиште “Раде Јовчевски Корчагин“ од Скопје се победници на едукативната активност “Имам став!“, а потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, им го додели пехарот.
Во жири комисијата која го одлучуваше победникот во финалето учествуваа пратениците Марија Костадинова, Игор Здравковски, Лолита Ристова и Ангелинка Петкова.
Во рамките на оваа сезона на активноста учествуваа вкупно 336 учесници од десет средни училишта од државата. Училиштата се натпреваруваа меѓусебно симулирајќи пленарна расправа на Собранието. Дебатите ги оценуваше жири комисија составена од пратеници и вработени во Парламентарниот институт. Вкупно 24 различни пратеници беа дел од активноста.
“Имам став!“ претставува симулација на процесот на разгледување предлог-закон во рамките на Собранието. Целта на одржување на оваа едукативна активност е приближување на работата на Собранието и процесот на донесување на закони до младата популација.