Во КИЦ – Офицерскиот дом во Битола беше отворена изложба на уметнички слики на Димитар Димитровски – Такец, новинар во “Нова Македонија“ и други весници, битолчанец, хроничар на Битола, којшто се знанимаваше и со сликарство.На отворањето зборуваше директорката на КИЦ Битола, Лили Бошевска, која рече дека е среќна што била современик на Такецот, а додека бил жив и активен творец на новинарски написи, слики, хроники на Битола, имала соработка која еве сега на овој начин со отворање на неговата изложба, години по неговата смрт, е продолжена.
Владо Горевски рече дека се заблагодарува на семејството на Такец кое еве грижливо се грижи за неговите дела, конкретно уметничките слики, кои се одлично одржувани, а сега преку изложбата ги прикажуваат на неговите сограѓани од Битола, кои се уште го почитуваат и се сеќаваат на неговите дела.
Ќерката на Такец, Гордана е најзаслужна за тоа што во Офицерски дом во Битола е презентиран дел од неговиот фонд на слики, а на присутните гости и пријатели им се претстави со неколку свои дела и рече:
-Делото и духот на мојот татко се уште живее. Во нашето семејство имаме голем дел од неговото сликарско творештво, и се наоѓаат кај мене и кај другите членови кои грижливо ги чуваме, уживеме и се одмораме гледајќи ги по којзнае кој пат. Посебно ме радува тоа што голем број од неговите дела се наоѓаат во други домови и деловни простории, а најголем дел од нив Такец ги подаруваше.
С.Ристевски