Еден од “малите“ спортови кои ја одбележаа спортската историја на Битола е боксот, кој по најголемиот негов подем, кога ја полнеше салата “Младост“ во Битола како и ракометот започна да стагнира и да ја губи “важноста“. Следуваше период и кога имавме во Битола и два боксерски клубови, но немаше некои позначајни резултати, пропаднаа просториите кај малата боксерка сала кај стадионот, а Битола “немаше извадено“ боксер кој ќе ја врати славата на “старите“ боксери.Но, последните неколку години, иако тешко, со многу работа, полека се враќа боксот во Битола, секако колку и што дозволува лигата во бокс која се одржува според турнирски систем. Еден од оние битолчани кои се заљубени во боксот, голем ентузијаст е сегашниот тренер Јове Петровски – Оцо кој секојдневно е во салата на центарот за социјални работи каде се одвиваат тенинзите.
На влезната врата во салата стои напис “Само за храбри“ што асоцира на тоа дека боксот е витешки спорт и го практикуваат само храбрите кои се одважни да влезат во рингот, а на почетотот на разговорот за ова мото на битолските боксери, Јове Петровски ни рече:
-Тоа е вистината овој спорт е “Само за храбри“ и сите кои се занимаат со бокс и “излегле“ на рингот го знаат тоа. Но, веднаш ќе во кажам дека ние сме, тие, храбрите. Оваа сезона сме боксовале во Куманово, во Марибор, во Скопје, во Косово, во Словенија, во Узбегистан… и секаде сме покажеле храброст и витештво кое го краси овој спорт. Овој викенд имаме прилика да ја покажеме нашата вештина и храброст во Куманово на комеморативниот турнир посветен на големиот тренер и боксерски работник Мирослав Петровиќ, каде ќе бидат сите балкански репрезентации, а има најава дека ќе бидат и боксери од Унгарија, Молдавија, Германија и други.
Инаку, во оваа натпреварувачка сезона боксерите на Пелистер имаа шест натпревари, две кола од македонската бокс лига и две кола од регионалната бокс лига, а Ален Рустемовски настапи на Светското сениорско првенство кое се одржа во Узбегистан.За тоа дали е задоволен од ангажманот и успесите на клубот Јове Петровски Оцо вели:
-Задоволен сум од тоа како работат младите боксери од трудот кој вложуваат на тренинзите, единствен недостик моментално е финансиската поддршка од битолските компании, односно консинуираниот недостиг на финансии за да можеме целосно да ги извршиме задачите на тренинг, да имаме било какви, барем мини, подготовки пред значајни настапи, а сето тоа повлекува да немаме резултати, кои јас како тренер и ние како клуб ги посакуваме. Но, тоа е тоа и не се предаваме, продолжуваме со силно темпо, како и сами гледате како се работи на трениг, со многу пот, со многу удари, со многу спаринг натпревари. Во клубот тренираат триесетна млади боксери, а се натпреваруваат од 8 до 10 на сите натпревари и постигнуваат добри резултати. Ќе ги споменам само последните. Ален Рустемовски го победи балканскиот првак, Ружди Рустемовски на меѓународниот натпревар во Косово два пати победи и беше прогласен за најдобар странски боксер и Адријан Рустемовски боксоваше категорија погоре, загуби и прикажа одличен бокс и неговата борба беше прогласена за најборбена.
Клубот негува коректни односи со Боксерката федерација на Македонија и со Агенција за спорт и млади и благодарение на нив настапуваат на големите натпревари.
Младиот Ален Рустемовски ќе настапи на Европските игри во Полска, во градот Краков, кои се и квалификации за учество на Олимпијада за 2024 во Париз. Следуваат и два меѓународни турнири “Загреб опен“ во Хрватска и “Силвер“ во Марибор, Словенија. Битолските боксери ќе имаат прилика да се претстават и во Бугарија на балканското и на Европско во Азербеџан, каде Ален може да освои медал.
А, како Ален Рустевски гледа на неговата боксерка кариера, кој на 19 години има значајни успеси ни рече:
-Настапувам во категорија до 57 килограми, “перолесна“ и “прилично“ сум задоволен бидејќи јас мислам дека секогаш може да биде подобро, во секој сегмент во животот, а посебно во спортот. Со останатите боксери предводени од нашиот тренер Јове Петровски – Оцо тренираме секојден и по два-три пати, а тоа е неопходно ако сакаме да постигнеме одлични резултати за нас, за клубот и да се наметнеме на репрезентативен план, да избориме да го носиме репрезентативниот дрес. Мислам дека успеваме да ги одработиме задачите од тренерот на тука на тренинг, но и да почитуваме неговите насоки на рингот и секако да победуваме, а за тоа што го очекува додава дека прво го очекува силниот турнир во Куманово, овој викенд, каде ќе атакува на злато.
Иако има само 19 години, Ален има богат боксерски стаж, а за тоа на која борба се сеќава вели:
-Секоја борба на рингот е посебна, со посебна тактика со посебен противник кој сакам да го надмудрам и да победам. Но, пред некое време, во Сомбор, Србија, боксував против противникот, Ален Рахимиќ, кој ме имаше победено пред околу два месеци, “многу тесно“ 3:2 на поени. Потоа знаев дека ќе ни се вкрстат ракавиците за брзо, се подготвував многу, работев напорно и му вратив за поразот. Тоа ми даде дополнителен мотив да продолжам со посилно темпо и дека успехот по напорната работа ќе дојде.
Сашо Ристевски