Press "Enter" to skip to content

“Мобилност“ организира инфо денови, “Пристапноста започнува, но не завршува со рампа!“

Инфо-денови на проектот „Алтеративно туристичко искуство – Алтернативно патување“ во Ресен и во Прилеп.

Проектот „Алтернативно туристичко искуство – алтернативно патување“, со акроним АЛТЕР ТРИП, кој се имплементира во ИПА Интеррег Програмата за прекугранична соработка „Грција – Република Северна Македонија 2014-2020“, и во кој единствен партнер од оваа страна на границата е Здружението на лица со телесен инвалидитет на Битола, Демир Хисар и Ресен – МОБИЛНОСТ Битола, на 25 и 26 мај организираше два инфо-денови во два града во Пелагонискиот регион. Како најпристапни локации беа одбрани ресторанот „Две лири“ во Ресен и хотелот „Салида“ во Прилеп.

На инфо-деновите беа поканети и присуствуваа претставници на дејности од областа на туризмот (ресторани, хотели, туристички агенции, музеи, невладини организации и сл.), медицински лица, членови на „Мобилност“ и од Битола и од Ресен, како и од Здружението на слепи од Битола. Присутните ги поздрави претседателот на здружението, прим. д-р Нико Јанков, а сите детали околу проектот ги образложи менаџерката на проектот, Ивона Јанкова.-Она што ние го работиме во изминатите две години е, всушност, пилот-проект кој претставува одлична основа за одржлив развој и поголема конкурентност на сето она што го опфаќа туристичкиот сектор. Тука спаѓаат туристичките и угостителските бизниси – ресторани, кафулиња, сместувачки капацитети, туристички агенции и слични дејности, како и културните институции – музеи, театри, центри за култура, концертни сали, споменици на културата и тн. Првата задача ни беше да ја сумираме актуелната состојба во регионот, односно кои се законските обврски во однос на пристапноста, колку се пристапни сите горенаведени дејности во Пелагонискиот регион и кои се бариерите за пристапноста, особено за лицата со попречености. Со нашето истражување се покажа дека информираноста и за законските обврски, но и за можностите и придобивките од зголемената пристапност е на навистина ниско ниво. Особено бидејќи многумина мислат дека пристапноста почнува и завршува со една рампа на влезот, а не ни помислуваат дека има уште десетици други елементи за пристапност, кои се детално опишани и наведени во во нашите закони и подзаконски акти, а голем дел од нив не бараат голема инвестиција, рече менаџерката на проектот, Ивона Јанкова.Тука се и ИКТ алатките, кои секојдневно ги користиме сите, а особено им се корист на лицата со попречености. Како поттик и поддршка за развој на пристапниот туризам во регионот, во рамките на проектот се изработени ИКТ алатки што ќе го доближат културното наследство до лицата со попречености, воедно правејќи ја Битола прв град во регионот со пристапна и достапна туристичка понуда.

Во дискусијата на инфо-деновите беше констатирано дека потребна е поголема комуникација меѓу сите засегнати страни кои имаат своја улога во подобрувањето на пристапноста, но и поголема комуникација меѓу самите здруженија на лица со попреченост, кои со заеднички настап ќе постигнат многу повеќе отколку ако делуваат самостојно. Со овој проект, сите засегнати страни имаат можност да ги добијат потребните информации околу пристапноста и придобивките што произлегуваат од неа, како да проценат дали нивните бизниси/институции се пристапни и каде да се обратат за да знаат точно што и како можат да направат. Во тоа ќе помогне и Прирачникот за осмислување и реализирање на пристапни туристички понуди и услуги, којшто ќе биде претставен наскоро, и каде што на едноставен начин, со илустрации, ќе бидат прикажани сите потребни елементи за пристапност.Зголемената пристапност носи повеќекратни придобивки, како за зголемување на бројот на туристи во текот на целата година, така и за подобрување на условите за локалното население. Дополнително, може да стимулира проширување или отварање на нови бизниси кои ќе произведуваат или дизајнираат нови елементи за пристапност, воедно и отворање на нови работни места.

Проектот „Алтернативно туристичко искуство – алтернативно патување“ е ко-финансиран од Европската Унија и Националните фондови на земјите учеснички.

More from ВестиMore posts in Вести »