Среќна сум што сум ми се исполни желбата да настапам за прв пат во Битола тука меѓу вас. Колку само бев тажна синоќа кога заради временските неприлики се одложи концертот кој долго го очекував. Но, вечерва сум тука со вас мили мои, симпатично во нејзин стил се обрати кон публиката Јелена Розга хрватската и балканска ѕвезда на својот прв концерт во Битола.
Концертот беше одложен заради временските неприлики од сабота 5 август, а се одржа на голема радост на нејзините обожаватели синоќа 6 август. На Ракометно игралиште имаше неколку илјадна публика која ги пееше сите нејзни хитови во еден глас со Јелена. Таа цело време комуницираше со публиката на еден непосреден начин.
Низ нејзината 27 годишна кариера како пејачката изјави синоќа, многу хитови кои се до денес популарни. Јелена Розга со зборовите низ песните повеќе им се обраќа на женската публика која и е нејзин голем фан. Јелена концертот го започна со “Бижутерија“ од истоимениот албум издаден во 2011, која е воедно и еден од најголемите соло хитови на пејачката. Во текот на вечерта се редеа сите нејзини познати хитови од нејзината соло кариера, но и неколку испеани со група “Магазин“. Популарната поп група со која Јелена Розга ја започна својата кариера.
“Минут срца мог“, “Циркус“, “Не пијем…“, “Нирвана“, “Кралица“, “Цунами“… беа песните кои битолчани ги слушаа и ги пееја заедно со Розга, на концертот во Битола, проследен со многу добро озвучување и светло, како и со одлична организација на истиот.
Инаку, Јелена Розга е хрватска пејачка која пее поп, фолк и електропоп музика. Родена е и израсната во Сплит каде уште како дете почнала да настапува како балерина. Се прославила како пејачка на хрватската група “Магазин“. Нејзината соло кариера започнала со албумот “Oпрости мала“ кој доживеал голем комерцијален успех кој ја воспоставил како успешна соло пејачка.Покрај нејзината пејачка кариера, Розга исто така кратко време работела како глумица. Денеска се смета за една од најпознатите пејачки во Хрватска, каде што има освоено златни сертификати за сите нејзини три албуми и голем број на награди, вклучувајќи ја и наградата “Grand Prix“ на сплитскиот фестивал. Популарна во Хрватска, но пејачката исто така има изградено успешна кариера во регионот Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Словенија. Тоа го се докажа и со нејзиниот успешен концерт синоќа.
Пред настапот на Јелена Розга публиката имаше можност да ја забавува македонската пејачка Барбара Ракичевич, ќерка на Мелита Ракичевиќ, која се пробива на македонската музичка сцена.
Жанета Ристевска
Фото: Bitolanews