Ракометниот клуб Еурофарм Пелистер од Битола ја проширува малата словенечка колонија со средниот бек Домен Тајник, кој ѓ потпиша тригодишен договор. 22-годишниот Словенец доаѓа во Битола од Горење Велење и ќе им се придружи на сонародниците Лесјак и Цехте.
-Домен Тајник е ракометар со високи спортски перформанси, па иако е млад, има искуство од европски натпревари и трофеи со поранешниот клуб. Тајник е роден во Словење Градец, висок е 183 сантиметри, а тежок 88 килограми. Целата кариера ја мина во Велење, а од сезоната 2017/18 е член на сениорската екипа. Со Горење Велење стана шампион на Словенија, ги освои Купот и Суперкупот на Словенија, играше во Лигата на шампионите, а последните сезони беше дел од тимот кој настапи и во Европската лига. Тајник беше МВП на словенечкиот шампионат во сезоната 2021/22 и на Купот и Суперкупо на Словенија истата сезона, соопштија од Еурофарм Пелистер.
Домен Тајник ги мина сите младински категории на словенечката репрезентација, а во Оран 2022 година настапи и за сениорскиот тим на Медитеранските игри. Ракометарот деновиве ќе пристигне во Битола и ќе му се стави на располагање на стручниот штаб. Официјалното претставување на Тајнкик во Еурофарм Пелистер е предвидено за крајот на август.