Press "Enter" to skip to content

ИФФК “Браќа Манаки“ во Битола од 23 до 29 септември, “Домаќинство за почетници“ ќе го отвори 44. издание

-Добитникот на “Златна камера 300“ е оскаровецот Питер Бижу за животен опус, а признанието “Голема ѕвезда на македонскиот филм“ годинава е за Лабина Митевска.

По светската премиера на филмскиот фестивал во Венеција, филмот „Домаќинство за почетници“, по сценарио и во режија на Горан Столевски, а во продукција на Лист Продукција, ќе го отвори 44. издание на ИФФК „Браќа Манаки“. Директор на фотографија e Наум Доксевски, добитник на наградата “Мала камера 300” на нашиот фестивал во 2018. за краткиот филм “Види ја ти неа” во режија на Горан Столевски. Ова е втор долгометражен филм на Доксевски, по неговото деби со наградуваниот филм “Сестри”.

Директорот на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ Симеон Мони Дамевски го објави добитникот на Златна камера 300, оскаровецот Питер Бижу, за животен опус на 44. Фестивалско издание што ќе се одржи од 23. до 29. септември.

Кинематограферот на „Мисисипи гори“, „Трумановото шоу“, „Во името на таткото“, „Штета“, „Пинк Флојд: Sидот“, „Животот на Брајан“, „Временски бандит“, „9 ½ недели“, „Ричард III“ и редица други антологиски филмски остварувања, оскаровецот Питер Бижу, е годинешен добитник на наградата Златна камера 300 за животен опус. Бижу има работено со бројни звучни режисерски имиња од светот на филмот како Алан Паркер, со кого се закитија со Оскар во 1988. за драмата „Мисисипи гори“ со актерскиот тандем Џин Хекман и Вилем Дефо, а со Џим Шеридан, Питер Вир и Луј Мал ги снимија антологиските филмови „Во името на таткото“ со Дениел Деј Луис, „Трумановото шоу“ со Џим Кери и „Штета“ со Џереми Ајронс и Жилиет Бинош.

Претседателот на Друштвото на филмски работници на Македонија Игор Иванов-Изи објави дека признанието „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ што го доделува ДФРМ за исклучителен придонес во македонската кинематографија, годинава ѝ припадна на Лабина Митевска, актерка и продуцентка.

Актерската кариера Митевска jа започна во 1994. година со една од главните улоги во филмот „Пред дождот“ во режија на Милчо Манчевски, филм што таа година го доби „Златниот лав“ на фестивалот во Венеција. Потоа следи успешна меѓународна актерска кариера, а подоцна и завидна продуцентска кариера преку бројни успешни краткометражни и долгометражни играни филмови кои се прикажуваат на најзначајните светски фестивали, како „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ во официјалната селекција на Берлинале и финалист за престижната европска награда „Лукс“, и „Најсреќниот човек на светот“ на Венецискиот филмски фестивал. Митевска е и поранешен долгогодишен директор на нашиот фестивал.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »