-Неколку стотици љубители на планината викендов беа на Големо Езеро, некои пеш, некои со џипови, некои со крос-мотори.
-Десетина “чупиња“ од Битола заедно со машките пливаа во ладните пелистерки води на 2.218 метри надморска висина.
-Панинарот Драган Ристевски од Битола со шампањ прослави голем јубилеј 50 години планинарство и околу 700 искачувања.Викендов неколку стотини битолчани, нивни гости и планинари од Битола и околните градови престојуваа на Пелистер, на Големо Езеро, каде поради високите температури не најдоа планинско освежување, но се искапија во ладните води на Големо езеро.
-Ние сме планинари од Крушево и заедно со подмладокот, кој сега се “заучува“ на планина, ќе се искачеме до Големо Езеро, ќе одмориме некое време и ќе продолжиме да го “освојуваме“ Пелистер, ние рекоа на разминување, на тешките камени планински патеки накаде на половина пат, патем засладувајќи се со шумски малини, јагоди и боровинки кои ги има по патеката.
Планинската патека, прво во сенка, а потоа на отворено по сонце од Ниже Поле до Големо Езеро се искачува, за љубители на планината без многу физичка подготовка, околу три и пол часа. А, на Големо Езеро, како на Широк Сокак.
Многу битолчани, млади и стари, ученици и пензионери, гости од дијаспората во Битола, и секој на свој начин го исполнува времето. Некои уживаа во ладно пиво по тешкото ускачување, некој се сончаа, некој се шетаа околу езерото, а десетици битолчани се искапија во ладните води на Големо Езеро и го препливаа.
Во водата која беше нешто повеќе од десетина степени влегоа и неколку храбри млади битолчанки, кои заслужуваат почит прво што се искачија по топло време, а потоа запливаа.
-Тука сме на еден ден, тргнавме рано и еве уживаме во убавините на планината и се разладуваме во водите на Езерото, се на едно место, ни рече младиот Марко Марковски.
Меѓу битолчани беше и искусниот планинар Драган Ристевски кој прослави голем јубилеј, 50 години планинарство, за што рече:
-Овој период од годината се заокружува еден голем период од 50 години од моето прво искачување на Пелистер. Кога ќе споменам колку години сум на планина, сите ме прашуваат колку пати сум се искачил на Пелистер. Според некоја моја евиденција 680 пати, а сигурно имам нешто промашено, бројката е околу 700, или повеќе. Им благодарам на пријателите кои со мене, го шампањ, го прославија овој за мене голем јубилеј и им посакувам на сите да продолжат да се искачуваат на Пелистер, да бележат јибилеи, а битолчани кои тоа го немаат направено да не одложуваат.
Текст и фото: Сашо Ристевски