-Денес на Пелистер се одржа “Pelister Downhill Cup“, а на Пелистер како на корзо во Битола, многу луѓе на патеките, на Копанки, на платфорната на “Молика“, а кај Детското каде беше целта на трката многу адреналин, забава, уживање, награди.
-Најбрз на патеката Јовче Даскаловски, член на “Extreme bike team“ од Битола.
-Бевме по целата патека и околу неа, од стартот на Копанки, на патеката, на скоковите, на целта и преку мега фотогалерија ви ја пренесуваме целата атмосфера.Убавиот, но прилично жежок ден, дури и за овој период на годината, крај на август, сепак создаден за на планина. Посебно убав за одржување на традиционалната 11. по ред, оваа година јубилејна, “Pelister Downhill Cup“ кој го организира “Extreme bike team“ од Битола.
Но, голем дел, не само од Битола, туку и од други градови, дојдени за традиционалниот “Pelister Downhill Cup“, да ги гледаат велосипедистите како храбро со своите модерни, планински велосипеди се спуштаат на определената патека од Копанки каде беше стартот до Детското одморалиште целта. Патека која смета за тешка, можеби во петте најтешки на Балканот.
Жичарата работеше во текот на целиот ден, велосипедистите со своите велосипеди се искачуваа до Копанки каде беше стартот на велосипедската патека. Тука велосипедистите се одмараа после квалификациите и го чекаа стартот на трката.
На целата патека имаше многу луѓе кои ги бодреа натпреварувачите чекајќи да видат некој бравурозен скок на велосипедистите, а денот како создаден и за натпреварувачите и за гледачите, а се уживаше од Копанки, по патеката до платформата на “Молика“, па продолжуваше до големиот скок на патот, се до Детското.
-Добро е што од година во година има голем интерес како за натпреварување, а имаме и голем број на натпреварувачи. Оваа година на трката имаше и натпреварувачка. Имавме одлична и безбедна патека која ја обезбедуваа волонтери и добивме пофалби од сите. Ме радува што планината е полна со луѓе насекаде од стартот до целта, ни рече Тони Котевски, од “Extreme bike team“ од Битола, организатор на трката.
Волонтерите беа на своите места, помагаа при падови, но за среќа поминаа без повреди.
-Ме радува тоа што тука на платформата се дел од случувањата денес. Исто така и терасата на “Молика“ ресторанот, како и малиот детски парк се преполни. Битолчани уживаат на планина со кафе и други пијалоци, гледаат дел од патеката од тука од платформата на еден од најубавите скокови на патеката, и секако со аплауз и бодрење ги поздравуваат натпреварувачите кои ја поминуваат патеката во просек 4 минути, вели Никола Каровски од хотелот “Молика“.
А на целта кај Детското одморалиште беше преполно, тука беа тимовите кои ги пречекуваа своите натпреварувачи,оние кои навиваа за своите велосипедисти. Целата атмосфера потсетуваше како сме на некој модерен центар на Алпите, каде се нуди забава за сите.
Фаворитот на трката беше Јовче Даскаловски од “Extreme bike team“, беше победник, односно имаше најдобро време, најбрз на патеката, и ја доби највисоката парична награда. За крај следуваше отварање шампанско и прскање со него наградените.
Шанкови со кафе, пијалок, забава со ди-џеј, водител Иван Чулаковски, кој ги информираше гостити и натпреварувачите во “real time“, со еден збор сите кои беа тука на Пелистер, а посебно на целта ќе ги паметат овој ден, кои “избегаа“ од Битола, како ден идеален за на Пелистер, за на “Pelister Downhill Cup“.
Сите кои пристигаа на целта, со атрактивен скок на целта, по удолнина, беа дочекува со аплаузи, како знак на чест на нивната храброст. Храброст, издржливост во овој екстремен спорт во кој патеката од Копанки до Детското одморалишете ја поминуваа за околу четири минути, а најдобрите и за една минута побрзо.
Секако најповеќе аплаузи, освен најдобрите, добија и ветераните во мастерс категоријата, кои се и основачи на овој спорт во Битола, меѓу нив Андреј Нашоку, кој сеуште е активен велоспедист на планински патеки и омилен кај младите велосипедисти.
С. Ристевски
Фото: Дамијана Ристевска