-Денес, 1. сепрември, училишното ѕвонче, во најстарото основно училиште во Битола го означи почетокот на учебната 2023/2024 година. Многу ученици возбудено итаа накај своите училишта. Сите со нови спомени и доживувања од летниот распуст.
-Повторно видување со своите соученици и наставници. Детски жагор, насмеани лица, возбуда… без оглед и што некои мораа да станат рано. Но, сигурно највозбудени и растреперени со измешани чувства на радост, страв, срам или тага беа ученици кои поаѓаат во прво одделение.ОУ “Св. Кирил и Меродиј“ свечено ги пречека своите најмили првачиња со пригодна свеченост.
Тимот за свечениот прием на првачиња организираа приредба на која ученици од 4 и 5 одделение изведоа танцови точки подготвени од нивните одделенски наставнички.
Жанета Тошеска, директор на училиштето со пригоден говор ги поздрави и им посака топло добредојде на првачињата и нивните родители кои беа со нив на првиот училишен ден. При тоа им посака желби за среќна и успешна учебна година.
Потоа одделенските наставнички од прво одделение Лидија Поповска I a и Катерина Шеровска Томовски I б ги прозиваа своите ученици и се упатија во нивните училници.
-На овој ден сите сме посебно возбудени, но по првото запознавање веќе сме многу поблиски. Се надевам дека оваа нова генерација на ученици во нашето училиште ќе има добри ученички денови и од тука ќе понесат добри спомени, вели одделенската наставничка, Лидија Поповска, која до сега има примено голем број на генерации во прво одделение.Во подрачното училиште во село Логоварди првачињата посебно радосни што учебната година ја започнуваат во обновена училница и училиште. Одделенски наставник во прво одделение Валентин Талевски.
За другите ученици кои започнаа на училиште, беше ден за раскажување на доживувања од летниот распуст и тоа, кој како си поминал. Учениците од повисоките класови од предметна настава, особено 8,9 одделение чекореа возбудено, но со самодоверба низ училиштето.
–Посебно сме возбудени сите ние учениците и наставниците. Овој ден е секогаш полн со емоции кога се гледаме после летото и сите си го честитаме почетокот на учебната година која кај сите буди различни емоции, изјавија наставниците кои го одржаа класниот час и ги поздравија своите ученици.
Жанета Ристевска
Фото : Дамијана Ристевска