Press "Enter" to skip to content

Кампањата “Ние сме Европа“ во Битола, трибина “ЕУ за македонското културно наследство“ (фото)

Попладнево во Битола во рамките на кампањата “Ние сме Европа“ се одржа трибина на тема „ЕУ за македонското културно наследство“,која ја предводи заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, а зборуваше и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.Пред аудиториумот во Битола, вицепремиерот Маричиќ истакна:-Потребата за негувањето на културата на мирот најдобро ја искажа Жан Моне со зборовите „ние не федерализираме држави, ние ги обединуваме луѓето“. Европската Унија ги отфрли концептите за судир на цивилизации и се посвети на изградбата и негувањето на – сојуз на цивилизации. Во еден таков контекст, од витално значење за Северна Македонија е да ги промовираме нашиот македонски културен идентитет, нашето културно наследство и вредности, а Европската Унија е вистинското место за тоа. Нашиот стремеж за членство во Европската Унија подразбира и подготвеност да го прифатиме целосно и европскиот идентитет, бидејќи –Ние сме Европа. Но, европскиот идентитет на ниту еден начин не значи дека го потиснува или става во втор план националниот идентитет на Македонците, на Албанците и на Турците во земјата, на Србите, Бошњаците, Ромите, Власите, Хрватите, Црнгорците, Бугарите и на сите останати. Како што културната разноличност е во срцето македонската држава, така е и во Европската Унија.Пред присутните зборуваше и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, која се осврна на реализираните проекти во Битола во областа на културата и рече дека ЕУ го негува мотото „Обединети во различностите“ и додаде:-Културата е таа што ги поврзува 27-те држави членки на ЕУ, кои сите меѓу себе се различни. Тоа значи дека ЕУ ги чува и ги негува културите на народите на своите држави членки, јазикот и културното наследство, и затоа граѓаните треба да знаат дека нема опасност од губење на македонскиот идентитет или да се намали важноста на македонскиот јазик, идентитет, култура кога ќе станеме членка на ЕУ, а за европските проекти во Битола додаде:-Од 2017 до денес, само преку прекуграничната соработка со Грција и со Албанија во културата во Битола се вложени над 1,5 милиони евра, европски неповратни средства. Битолчани се горди на Офицерскиот дом, реконструиран со помош на ЕУ, за кој донесовме одлука да се прогласи за културно наследство од особено значење. Хераклеја Линкестис е, исто така, пример како преку ИПА-програмата, може да се задржи и да се заштити историската автентичност на овој антички град со инфраструктурни зафати, во вредност од над 410 илјади евра, неповратни средства од ЕУ. Киното „Манаки“ е целосно опремено со европски пари, влог од 250 илјади евра неповратна поддршка од ЕУ, а, пак, на Националната установа Музеј на албанската азбука, со речиси 200 илјади евра, ЕУ ѝ овозможи заедно со грчките музеи партнери, со низа активности, да создаде платформа за мултидисциплинарна соработка, за поттикнување на економијата и туризмот. Националната установа Музеј Битола, со новиот проект „Smart4you2“, ќе врши реконструкција на пристапна патека и на дворот, како и на постојаниот изложбен салон во Музејот. Влогот на ЕУ за македонското културно наследство само за овој проект е 600 илјади евра. Министерството за култура е дел од различни европски проекти, а, конкретно, во програмата „Креативна Европа“ учествуваме со вкупен износ од 1,14 милиони евра.На трибината што вечерва се одржа во Битола, заменик амбасадорката на Република Чешка, Андреа Штајнер Вотавова, истакна дека ги поддржува сите иницијативи на Република Северна Македонија да стигне до крајната цел, односно земјава да биде членка на Европската Унија, а јавна поддршка искажаа и други учесници на вечерашниот собир кој се одржа во рамки на кампањата „Ние сме Европа“ која ја организира Секретаријатот за европски прашања и Владата на Северна Македонија кои ги афирмираат и промовираат европските вредности.На трибината зборуваше и битолчанецот Филип Јовановски, а модератор беше Маја Андоновска – Илиевски.За време на престојот во Битола, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ ги посети Хераклеја и битолскиот Музеј, институции кои реализирале повеќе проекти поддржани од фондовите на ЕУ.