Во рамките а меѓународен ликовен проект на КИЦ Битола вчера во свечената сала на Офицерски дом свечено беше отворена изложбата “Македонски и канадски графичари 7х7“, како плод на соработката на двајцата куратори, Дерек Мајкл Бесант и Владо Ѓорески.На изложбата се претставени графики на седум македонски плус седум канадски графичари, со огромна страст за поврзување, така наместо 7+7 уметници, се добија 7х7 учесници како симбол на поврзувањето на професори и студенти на катедрите за графика од Факултетите за ликовна уметност од Скопје, Халифакс, Монтреал, Троа Ривиер, Алберта, Едмонтон и Келона, како и организаторите и учесниците на Mеѓународното графичко триенале во Битола и Mеѓународно биенале за современa графика во Троа Ривиер.
Д-р Лили Бошевска, директорот на ЈОУ КИЦ Битола, на отворањето на изложбата рече:
-Не би можела, а да не го спомнам и значењето на Културен и информативен центар КИЦ Битола со нашиот препознатлив “Офицерски“, како цврст и добро проектиран континуитет и како институција која остава печат врз мапата и агендата на истакнати и признати ликовни, галериски и културни центри во светот. Оваа изложба е нашиот влог не само во институционални рамки туку најмногу како целосен и неизбришлив тестамент за иднината во која светлината на човечкото создавање единствено ќе се доближи до sвездената вечност во која и низ која единствено може да опстане нашата средина, подалеку од сите деструкции, апсурди, назадувања и безидејни себеуништувања. Изложбата свое претставување ќе има во Канада, како дел од меѓународната соработка. Владо Ѓорески, куратор на селекцијата на македонски уметници на отворањето на изложбата рече:
-Битола е центар на графичкото творештво, не само во Македонија, туку и многу пошироко. Ова констатација е фактографија, која не е поврзана со некаков општествен-политички едикт, туку е во директна временска корелација со цивилизациските универзални наслаги кои оваа „мала“ средина ја сместуваат во големите вонвременски пространства од исклучително значење за човековиот досегашен опстанок. Триесетгодишното постоење на Меѓународното графичко триенале во Битола, најголема и најзначајна ликовна и графичка манифестација во овој балкански регион, досега донесе графички писма од над 5.000 автори од целиот свет. Оваа манифестација е во постојана комуникација со ликовното творештво на над 160 држави. Од оваа година се проширува и со Меѓународното биенале на минијатурна графика и цртеж, се со цел, да се создаде еден нов вид александриска библиотека на графичките листови, или да се остави еден од можеби се поретките вистински влогови во се понеизвесната човечка иднина, а се поизвесната човечка роботизираност.
Дерек Мајкл Бесант, куратор на селекција од канадските уметници имаше видео обраќање при што рече:
-Ми се наметна едно љубопитно прашање во врска со собирањето на група канадски уметници, од целата земја, да бидат дел од изложба на размена со уметници од Македонија: дали во групирањето на современата графичка уметност од двете земји може да се идентификуваат посебни колективни идентитети кои произлегуваат од која било група? Оваа изложба е можност за дијалог и дебата на оваа тема. Од поканетите канаѓани сакав пресек кој би имал далекусежен преглед со застапеноста од сите делови на Канада: поморските острови, централно населена Канада, Канада што зборува француски, западот и крајбрежните провинции.
На оваа изложба се застапени еминентни македонски и канадски графичари какоБрајар Крег, Бони Бакстер, Гери Хушлак, Жо Ан Ланвил, Либи Хаг, Марк Бови, Шон Колфилд, Гај Лангевин од Канада.
Како и Трајче Блажевски, Ивана Настески, Сергеј Андреевски, Славица Јанешлиева, Ладислав Цветковски, Светлана Јакимовска Родиќ, Мирослава Цветковиќ, Атанас Ботев.