Платото на Офицерски дом во Битола ќе биде местото каде среда, 13 септември 2023 година, ќе биде претесно за сите љубители кои дојдоа на караванот “Македонијо во срце те носиме“. Сите кои ќе бидат на концертот заедно со бројните изведувачи ќе ги пеат во еден глас македонските родољубиви песни.
На сцената публиката битолчани и нивните гости ќе ги видат и слушнат Бојана Скендеровски, Сузана Спасовска, Наум Петрески, Зуица Лазова, Андријана Јаневска, Александар Тарабунов, Огнен Здравковски, Марија Спасевска, Мина Блажаев, “ДНК“, Ламбе и Миле Кузмановски.Проектот со потписот на “Скендеровски продукција“, а во чии рамки 12 македонски изведувачи препеаја исто толку родољубиви песни – сите спакувани во ново руво од маестро Николче Мицевски, има единствена цел да им се продолжи векот на песните и да се испрати порака особено до идните генерации дека треба да го чуваме она што го имаме, највредното.
-Затоа бидете дел од караванот “Македонијо во срце те носиме“, дојдете заедно да ги отпееме најубавите македонски патриотски песни, да ја обоиме Македонија со најубавите звуци и да го зачуваме највредното – музичкиот аманет кој ни го оставиле генерациите пред нас, порачува организаторот.
Првиот концерт се одржа во Штип, а по Битола следуваат концерти во Велес, Прилеп, Кочани, Тетово, Кавадарци и Скопје.