-Вчера, 1 октомври, во село Буково, над Битола, се одржа 5. по ред јубилејно издание на манифестацијата “Вкусот на Буково“ во организација на здружението “Президим Буково“, која со своја традиција и препознатливост и го промовира брендот “буковска пипер“, а беше посетено од “буковчани“ и гости од Битола.
-“Президим Буково“ е регистрирано здружение на производители на буковска пипер (скоро сите жени), а тоа е под покровителство на светското движење “Слоу Фуд“. Елизабета Каровска претседател на здружението “Президиум Буково“ организатор на настанот, ни изјави: -Вкусот на Буково“ е манифестација со повеќе успешни изданија зад себе. Првото издание се реализираше во јули 2015. На сите изданија присуствуваа голем број луѓе, меѓу кои жители на селото Буково, на градот Битола и останати места од регионот, возрасни и деца. Традицијата продолжува и денес јубилејно 5 по ред издание на „Вкусот на Буково“ и додава:
-Како здружение задоволни сме од постигнатото. Целта ни е да го негуваме брендот на буковската пипер“ и секако да го развиваме. На тој начин што ќе ги поттикнеме жителите на ова село да продолжат да произведуваат црвена пиперка и од неа да продолжат да ја прават на тој традиционален начин, буковската пипер. Свесни сме дека е мал процентот на млади земјоделци што сакаат да ја продолжат оваа работа, некаде ги има околу 15% од земјоделците, но затоа преку вакви активности ќе продолжиме да го промовираме овој производ.
Заштитата на буковската пипер како бренд на пазарот е сеуште приоритетна цел на „Президиум Буково“. Производителите на повеќе начини се обидуваат да го совладаат тој сегмент, за што сеуште водат паралелни битки на повеќе полиња за да производот им се доближи на повеќе потрошувачи и преку полиците во маркетите.
Оваа година, со поддршката на Министерството се започнува со креирање на заштитената ознака за потекло, што како процес ќе треба да се заврши пред овој настан за да на истиот се презентираат соодветните резултати, но и да се објасни целокупниот концепт пред пошироката публика.
Елена Каровска Гошевска, програмски координатор во “Слоу Фуд Македонија“ рече:
-Во манифестацијата се вклучени голем број волонтери и жители на селото. Денес има гости, конзументи кои уживаа во културно уметничката програма, бројните содржини и готвачкото шоу. Тоа придонесоа за целодневно дружење и задоволство кај присутните.
Ленче Кабровска од селото Буково заедно со неколку жени беа домаќинки и задолжени за приготвување на вкусните традиционлни јадења и аранжирање на вкусната трпеза. Додека сечеше и разделуваше од домашниот леб ни изјави: -За традиционалната трпеза учествувам со домашниот леб месен на традиционален начин како нашите баби, прабаби. Тој се замесува со квас, брашно, компир… се пече во фурна на дрва. Потоа макало со праз и суви пиперки, традиционална капама со праз и ориз. Другите домаќинки направија зелници, домашни кифлички благи и солени,тавче гравче…
Во манифестацијата беа вклучени и децата кои имаа работилница со Јасна Ѓорѓиевска, при што цртаа, сликаа на тема пипер, домашна здрава храна…
Со сите овие активности и вклученсот на голем број активисти се докажува дека манифестацијата веќе има своја традиција и препознатливост која треба да ја задржи и надоградува во иднина.
Жанета Ристевска, фото: Дамијана Ристевска