Press "Enter" to skip to content

Линеарен акцелератор за третман на онколошки заболувања да се стави најбрзо во функција, порача Државниот завод за ревизија, кој констатира и неправилности и неусогласености во болницата во Битола (линк)

Државниот завод за ревизија ги објави ревизорските извештаи од извршената ревизија на усогласеност на ЈЗУ Клиничка болница „Трифун Пановски“ Битола (две сметки) за нејзиното работење во 2022 година.

Од извршениот увид во податоците генерирани во Мој Термин, ревизорите утврдиле дека на ниво на Болницата во текот на 2022 година во просек се креирани/достапни за пациенти само 39% од законски задолжителните термини за здравствени услуги

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Јавната здравствена установа Клиничка Болница “Др. Трифун Пановски “ Битола за 2022 година. Со извршената ревизија констатирани се состојби, неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување на неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2022 година и за усогласеноста со законската регулатива.

Со увидот во евиденцијата на работното време, пресметката и исплатата на плати и надоместоци на плати, кои во текот на 2022 година се исплатени во износ од приближно 581 милиони денари ревизорите констатирале низа неправилности.

Со ревизијата е констатиранoдека не е воедначен начинот на организација на работното време, поради што кај определени организациони единици за дел од медицинскиот кадар не е обезбедено исполнување на предвидените 36 до 40 работни часови во неделата, односно воспоставена е пракса дел од работното време да се реализира преку 12 часовно до 24 часовно дежурство по што се користат повеќе слободни денови, а часовите поминати во дежурство се сметат како часови поминати во полно работно време. Ваквата пракса овозможила определени вработени да не остварат ни полно работно време, а при тоа им се исплатени редовна плата и надоместок за дежурство.

Околу 36 милиони денари се исплатени по основ на дежурство, без побарана согласност од Министерството за здравство за воведување на истите, а утврдена е и појава на исплата на дежурства на немедицински кадар во износ од 919 илјади денари, што не е во согласност со Законот за здравствена заштита.

Неправилности се утврдени и при исплата на приближно 7 милиони денари за прекувремена работа на 303 вработени. Имено, за прекувремената работа не е известен инспектор на трудот и не се воспоставени контроли на бројот на реализирани часови, поради што 41 вработен оствариле прекувремена работа над дозволениот максимум од 190 часови, за што се исплатени околу еден милион денари.

Од друга страна дел од вработените во Болницата, согласно склучени спогодби вршат здравствени услуги во други ЈЗУ поради недостаток на медицински кадар, за што Болницата издава фактури, а на вработените им се исплаќа надоместок. Констатирано е дека во 42% од ревидираните фактури постојат разлики во бројот на фактурирани работни часови и бројот на часови прикажани во извештаи/спецификации за сработеното, поради што фактурирани се околу еден милион денари повеќе од реално извршените работни часови. Исто така постои и преклопување на дел од работните денови/часови реализирани во други ЈЗУ и евиденцијата и распоредите за работа во Болницата.

Согласно Законот за здравствена заштита во рамки на системот Мој термин се определува  алендар на активности на месечно ниво за секој здравствен работник кој дава специјалистичко – консултативни услуги.

Од извршениот увид во податоците генерирани во Мој Термин, ревизорите утврдиле дека на ниво на Болницата во текот на 2022 година во просек се креирани/достапни за пациенти само 39% од законски задолжителните термини за здравствени услуги, а во графиконот се прикажани организационите единици кои креирале помалку од 50% од задолжителните термини.

Болницата воспоставила пракса ненаплатените побарувањата за извршени здравствени услуги на крајот од годината без предлог на пописна комисија и одлука на Управниот одбор, да ги евидентира како сомнителни и спорни поради што неосновано е намалена состојбата на вкупните побарувања во износ од приближно 97 милиони денари, од кои 92 милиони денари се постари од 5 години, а за 98% од побарувањата по овој основ не се доставени докази дека се преземени мерки за нивна наплата и постои ризик од застарување. Во периодот од 2019 до 2022 година евидентирани се побарувања во вкупен износ од приближно 12 милиони денари кои претставуваат акумулиран износ на разлика помеѓу пресметана и уплатена партиципација на сметка на Болницата.

Врз основа на податоците од системот за евиденција на извршени здравствени услуги на приватни пациенти, констатиравме дека за извршени услуги на 6.268 пациенти на сметка на Болницата уплатени се парични средства во износ понизок од околу 2 милиони денари или 63% од вкупно пресметаните по овој основ.

Ревизорите нагласуваат дека во просториите на Болницата во посебен објект (бункер) сместен е линеарен акцелератор кој се користи за третман на онколошки заболувања, за чија набавка и инсталација од страна на Министерството за здравство во периодот од 2012 до 2017 година доделени се договори за јавна набавка во износ од 172 милиони денари а кој до денот на ревизијата не се користи и не е внесен во сметководствената евиденција. Од страна на Болницата дадено е образложение дека апаратот не се користи поради недостиг на дополнителна опрема потребна за негово функционирање како и недостиг на соодветен квалификуван кадар. Имајќи ја предвид потребата од подобрување и зголемување на достапноста на онколошките здравствени услуги и рационалното користење на буџетските средства, ревизијата укажува дека е потребно во најкус можен рок да се преземат активности од страна на Болницата во соработка со Министерството за здравство за ставање на апаратот во употреба.

Во прилог линкови за директен пристап до извештаите.

https://dzr.mk/sites/default/files/2023-10/1_32_FR_JZU_Klinicka_bolnica_Trifun_Panovski_Bitola_Smetka_sredstva_FZO_737_2023.pdf

 

https://dzr.mk/sites/default/files/2023-10/2_32_FR_JZU_Klinicka_bolnica_Bitola_Trtifun_Panovski_Smetka_sopstveni_prihodi_531_2023.pdf