Ракометарите на Еурофарм Пелистер од Битола денес се во Скопје, а утре патуваат за Париз, Франција каде ќе играат против екипата на ПСЖ во рамките на 4. коло од Лигата на Шампионите. На задолжителната прес-конференција во Битола, зборуваше Марио Танковски кој за престојниот натпревар рече:
-Многу ни значи тоа што одигравме одличен натпревар против Кил во Битола. Влијае тој натпревар на самодовербата, иако не победивме, а имавме можност за тоа. Се подигнавме психички, па тоа ни е добредојдено за следните предизвици. ПСЖ е најсериозен испит сезонава. Заедно со Киелце, сметам дека нашиот следен противник е најсилната екипа во групата, па и во Европа. Го имаат најдобриот тренер во светот – Раул Гонзалез. Променет им е составот од минатата сезона, им треба време да се воиграат, но имаат екстра-квалитет. Сепак, се екипа од дваесет милиони евра, тука е голема разликата со нас. Треба да одиграме најдобро што можеме, па што биде, нека биде. Октоври и ноември се најтешки месеци во сезоната, но веќе сме во тој ритам и само да сме здрави и да не избегнат повредите, ќе ги исполниме целите.