Press "Enter" to skip to content

Ева Дамјановска, 13 годишна битолчанка, која се “трка“ на мото-крос патеките рамо до рамо со машките (фото)

Текст и фото: Дамијана Ристевска

Ева Дамјановска од Битола е единствената битолчанка која се натпреварува во мото крос во Шампионатот на Македонија. Има 13 години и една година и на мото патеките, дебитираше на патеката “Смолево“, како дел од “машкиот свет“. Тоа беше повод за разговор со Ева, во која таа зборува за себе, за трките, за тоа како се бори против момците…За себе…

-Јас сум Ева Дамјановска од Битола, имам 13 години и учам во основното училиште “Св. Климент Охридски” Битола. Со мотоциклизам почнав да се занимавам рекреативно пред  година и пол кога брат ми премина во посилна класа и јас го возев неговиот мотор. Професионално почнав да возам пред точно една година кога за мојот роденден татко ми ми купи мотор. После 1 недела имав трка тука на патеката “Смолево“ во тешки услови со дожд и многу кал.Твоја најголема мотивација…

-Најголемиот мотив за да почнам да возам и да се занимавам професионално со овој спорт е брат ми кој е пет кратен шампион на Македонија во неговата класа. Со тоа што константно одевме со него по трки и тренинзи ми се вроди љубовта кон моторите и адреналонот. И така со неговата помош и помошта од нашите родители решив да пробам, и еве сега сум единственото девојче кое вози на трките од Македонија сега. Единствено девојче во овој машки спорт

-Моментално сме јас и сите момци во класата МХ85 и е тешко да се бориш против толку машки бидејќи се физички посилни, но кога ќе застаниме на стартната рампа сите сме еднакви, сите се фокусираме на патеката, времето, брзината и да се заврши трката без никакви повреди. И многу е важно да се нема страв, ако немаш страв се е полесно.Во која категорија се натпреваруваш?

-Во мојата класа МХ85 сме околу 12 возачи, деца до 14 години, со исто силни мотори од 85 кубни сантиметри. Во оваа година во генералниот пласман за 2023 година сум на 8. место и сум задоволна со оглед на тоа што сум една, се борам против сите машки и возам само една година и досега вкупно четири трки. Стазите по кои возиме се земјени и во зависност од временските услови некогаш возиме на суво и со многу прашина, а некогаш возиме на дожд и на многу кал, како што беа две трки на кои возев, една Смолево една во Орман во Скопје.Твоја најголема поддршка…

-Мојата најголема поддршка ми се моите родители кои не пратат во секој чекор мене и брат ми. Многу е тешко да се најдат спонзори, поддршки од институции, фирми и се е на грбот на нашите родители. А овој спорт е еден од најскапите спортови бидејќи се е скапо, и моторите, опремата, деловите, бензин, превозни средства за моторите, учества…, а ние сме и двајца. Татко ми и мајка ми максимално вклучени во сите наши трки, подготовки, тренинзи ама е многу тешко за еден возач, а пак ќе речам ние сме двајца и е двојно потешко. Јас се надевам дека од наредната година ќе се има повеќе слух за нашиот спорт и ќе имаме поголема помош и од државата, градот и секој кој можи да му олесни на нашите родители и на сите кои се занимаваат со овој спорт.Како ја гледаш твојата кариера понатаму…

-Јас се пронајдов во овој спорт кој го нарекуваат “машки“ но еве со желба и упорност докажувам дека кој сака можи да се пронајди во секој спорт. Се надевам дека ќе останам долго во мото-кросот со оглед на тоа што најголемата препрека се финансиите кај сите возачи. Сакам да им се заблагодарам најмногу на моите родители кои ни го овозможија ова, мојата фамилија која максимално не поддржува, нашиот клуб Ендуро тим Водно од Скопје кој исто така стои зад нас и најголемо фала до брат ми кој ме престраши и насочи кон овој спорт.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from СпортMore posts in Спорт »