Press "Enter" to skip to content

Тренерот Ангеловски и средниот бек Тајник на прес-конференцијата после натпреварот

На задолжителната прес конференција по натпреварот Еурофарм Пелистер во Битола зборуваа привремениот тренер Бранко Ангеловски и Домен Тајник.

Ангеловски вели дека имале фуриозен старт во вториот дел, и дека може да бидат задоволни но не и среќни:-Сакам да им се заблагодарам на сите во нашиот клуб и на досегашните тренери Звонко и Ацо кои оставија длабокa трагa во оваа наша игра. Не беше лесно да се игра против европски вицешампион, мислам дека тој респект што го имавме на стартот, даде еден негативен резултат за нас. По тие 2-9 моравме да правиме сè за да се вратиме во игра. Во второто полувреме имавме еден фуриозен старт. Лесјак правеше чуда на голот и нападот го искористи тоа. Новитет во нашата игра беше нападот „7 на 6“, кој го работевме само утрово на тренинг, но можеше да се види дека тоа вроди со плод. Благодарност до играчите за вербата што ја имаат во себе, тие знаат дека поседуваат квалитет, но за нешто повеќе мора многу многу работа. Во соблекувалната на ракометарите им реков дека можеме да бидеме задоволни, но никако среќни, бидејќи забележавме нов пораз. Се надевам во иднина ќе бидеме многу подобри.

Своја анализа за одиграниот натпревар даде средниот бек на “пелистерци“, Домен Тајник.-Знаевме против кого игравме, знаевме дека ќе биде многу тешко. Многу лошо почнавме, во првите петнаесет минути постигнавме само три гола и тоа беше клучниот момент на натпреварот. Се трудевме и боревме да се вратиме во игра, успеавме во второто полувреме, но немавме сили до крај. Загубивме многу топки во напад и екипа како Киелце знаеше тоа да го казни.

More from СпортMore posts in Спорт »