Едногодишни награди добија Здружернието на пијанисти и музички педагози „Пијано“ Битола, Јован Стефановски – научен работник, Гордана Такец – писателка, поет, уметник, Фанче Јошевска – д-р на науки во облста на техничките науки и Народниот театар Битола.
Новинарот, писател, хроничар на Битола, Димче Миновски е добитник на најпрестижното општинско признание наградата 4-ти Ноември за ЖИВОТНО ДЕЛО, која се доделува по повод 4. Ноември, Денот на ослободувањето на Битола, одлучи на денешната седница на Комисијата за наградата 4-ти Ноември, со која претседава претседателката на Советот на Опптина Битола, Габриела Илиевска, и уште осум членови, советници во Советот.
Иницијатор и предлагач на Димче Миновски е Општински сојуз на спортови на Битола, спортски клубови и граѓани на Битола каде е почесен претседател, заедно со адвокатот Никола Главинче, кои во предлогот напишаа:
-Се предлага оваа година наградата 4-ти Ноември за животно дело да му се додели на познатиот македонски новинар, писател, општественик и хроничар на Битола, ДИМЧЕ МИНОВСКИ.
Личност која остава неспорни траги во времето и живеењето на Битола, вљубеник во Битола, личност кој со својата професионална ориентација го прославил својот роден град на далеку. Целиот свој живот, почнувајќи од 1958г. до денес непрекинато твори, зборува и пишува за спортот, историјата на спортот, историјата на Битола и придонесува за развој на средината каде се родил, израснал и живеел непрекинато.
Личност која со својот специфичен глас и дикција е хроничар на Битола и симбол на повеќедеценискиот развој на спортот во Битола и Македонија, но и на радиото и телевизијата како медиуми, но и автор кој напишал десетици трудови и книги, сите посветени на Битола.
Димче Миновски е роден во 1942г. во с.Брусник, Битола. Основно и средно образование завршил во Битола. Во 1958г. за започна новинарската кариера во Радио Битола, првото локално радио по ослободувањето на Македонија, како учесник во емисијата за химор и сатира. По неколку години стана уредник на Младинската емисија и емисијата за Спорт и физичка култура. Од тој момент тој е инфициран вљубеник во спортот и спортските активности и до денес непрекинато ги следи сите локални спортски настани и настани кои се однесуваат на спортот, а во кои на директен или индиректен начин учествува екипа од Битола. Димче Миновски моментално е најстар новинар по стаж кој живее и работи во Битола.
Во својата професионална новинарска кариера, Димче Миновски:
- Повеќе од 30 годни беше дописник од Битола на дневниот весник НОВА МАКЕДОНИЈА;
- Дописник на ТАНЈУГ;
- Дописник на МРТВ и Радио Скопје;
- Дописник на бројни весници и списанија ширум Македонија и Југославија
- КАКО НОВИНАР ИЗВРШИЛ ПРЕКУ 000 ПРЕНОСИ ВО ЖИВО ОД СПОРТСКИ НАТПРЕВАРИ во кои учествувале спортските клубови од Битола.
Освен спортското и новинарството воопшто, Миновски во децениите наназад е неуморен општественик, кој со своето знаење, искуство и темперамент не мирува и е постојано активен во бројни организации, давајќи неспорен придонес во развојот на спортот и спортските клубови, на тој начин постанувајќи синоним за спортското живеење во нашиот град.
Димче Миновски:
- Над 50 години е активен член на Сојузот на спортови и неколку пати претседател.
- Денес е ПРВ ПОЧЕСЕН ПРЕТСЕДАТЕЛ на Сојузот на спортови;
- Над 20 години бил член на Управнито одбор на Здружението на возачите на Битола, кое било едно од најактивните во поранешна Југославија и пример за афирмација на сообраќајот. Таму бил претседател на Комисијата за спорт и култура;
- Над 15 години бил претседател на Атлетичарскиот клуб ОЛИМПИЈА во Битола
- Над 30 години бил член на Управниот одбор на ДТВ ПАРТИЗАН и портпарол на Федерацијата на гимнастичарски спортови
- Над 20 години бил член на Управниот одбор на Матицата на иселениците – Битола и повеќегодишен секретар
- Бил Претседател и директор на Ракометниот клуб ПЕЛИСТЕР ТАТ
- Еден од основачите и член на УО на Боксерскиот клуб ПЕЛИСТЕР
- Во два наврати претседател на Фудбалскиот клуб ПЕЛИСТЕР
- Повеќе од 20 години член на неформалната група на граѓани Вљубеници во Битола
- Еден од основачите и претседател на здружението за македонско-еврејска соработка Битола
- Еден од основачите на Здружението за македонско-турско пријателство и соработка
- Еден од основачите на Еколошкото здружение на граѓани КОЛИБРИ Битола
- Еден од основачите и актуелен претседател на здруженото за македонско – српско пријателство Битола
- Автор на рубриката „Деновие пред години“ на порталот bitolanews.mk
Карактеристично е што во сите овие ангажмани Димче Миновски бил активен ВОЛОНТЕРСКИ, односно без надомест што е позтивен пример за искрен ангажман на еден граѓанин во развојот на својот град.
Тоа за него е императив на штета на своето слободно време, можноста за дополнителен ангажман и сл.
Како новинар на ТВ ОРБИС, Димче Миновски е потпишан како сценарискт и автор на повеќе од 200 ЕМИСИИ посветени на БИТОЛА и ЗНАЧАЈНИ НАСТАНИ од Битола, особено на серијалот ГАЛЕРИЈА НА ЛИЧНОСТИ И НАСТАНИ ЗА БИТОЛА.
Станува збор за обемен видео и аудио материјал кој е жив паметник за бројни настани и личности кои на тој начин пркосат на забот на времето. Снимил и забележал настани, обичаи, сеќавања и сведочења за значајни прашања од историјата на Битола и воопшто на овие простори.
Овие авторски емисии се постојано цитирани од бројни истражувачи на Битола и поттик за нови создавања од новите генерации.
Особено значајна е улогата на Димче Миновски како писател и човек кој освен аудио и видео материјалот, создава и пишани текстови кои се антологија за Битола. Со тоа, тој постанува незаменлив хроничар на Битола.
Автор е на следните книги:
- Фудбалот во Битола – 1969г.
- Боксот во Битола – 1997г.
- Трилогија за Битола (РОМАНИ)
- Каменот на смртта 1998г.
- Тајната на осамената воденица – 1999г.
- Господарот на блатото -2003г.
- Шикло – романизирана биографија -2000г.
- РАДИО БИТОЛА – јубилејна монографија – 2000г.
- Пекол во Битолската тврдина (РОМАН) 2003г.
- Исполнето ветување (РОМАН) – 2004г.
- ШИКЛО-второ издание – 2009г.
- Гнев или одмазда (РОМАН) – 2009г.
- Спиро Мачески – биографско дело – 2010г.
- Меѓу Македонците во Шведска – со превод на шведски – 2013г.
- Најдобри меѓу најдобрите (спорт) 2013г.
- Ракометот во Битола (прва книга) – 2013г.
- Санитетски превозни средства во војните на Србија – коавтор со превод на српски и македонски -20 15г.
- Ракометот во Битола (втора книга) – 2019.
- Атлетиката во Битола – 2022г.
- Гимнастиката во Битола -2022г.
Освен издадените, комплетно подготвени за печат, како резултат на неуморното твоење на Димче Миновски се и книгите:
- Историја на фудбалот во Битола (чека средства за печатење)
- Историја на боксот во Битола (чека средства за печатење)
- Историја на стрелаштвото во Битола (чека средства за печатење)
- Историја на скијањето и планинарството во Битола (чека средства за печатење)
- Исееленички сказанија (чека средства за печатење)
Наброените изданија претставуваат пишан материјал од повеќе од 2.500 страници напишани за Битола.
Сите наведени изданија и книги се со бројна фото документација која не може да се сретне на друго место.
Димче Миновски е рецензент на многу изданија и учествувал и во многу редакциски одбори, и уредувачки совети, како што е учеството и во изданијата ЗНАЧАЈНИ ЛИЧНОСТИ ЗА БИТОЛА (во издание на НУБ Св.Климент Охридски Битола)
Со неговите натписи голем број битолчани стекнале национална и меѓународна афирмација и му се отвориле многу можности за професионален развој и успех.
Почитувани,
Со доделувањето на наградата, ќе се оддаде признание на една личност – ЖИВА ЛЕГЕНДА КОЈА Е СИМБОЛ НА СПОРТОТ И СПОРТСКОТО НОВИНАРСТВО ВО ИЗМИНАТИТЕ 60 ГОДИНИ ВО БИТОЛА.
ТОА Е ПРИЗНАНИЕ ЗА ЕДЕН ЖИВОТ ПОСВЕТЕН НА БИТОЛА!
Тоа е сигурен поттик за младите битолчани кои одлучиле својот животен и професионален век да го посветат на родниот град.
И покрај возраста – 81 година и на моменти нарушеното здравје, Миновски му пркоси на времето и годините и постојано е оптеретен со својот град, подарувајќи му секојдневно натписи и сеќавања, факти и историја по кои некој друг во времето пред нас ќе ги креира своите магистратури и докторати посветени на спортот, на Битола, на Македонија….
На крај, пренесуваме еден дел од текстот објавен во Нова Македонија „ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ“. Тој меѓу другото вели: „Ако некој македонски спортски новинар може да се пофали оти располага со толку обемна документација за сите спортови во својот град, тогаш на прво место секако ќе биде битолчанецот Димче Миновски. Тој е навистина ЖИВА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА НА СПОРТОТ ВО ГРАДОТ ПОД ТУМБЕ КАФЕ, а дека е тоа така најдобро говорат и многубројните книги во кои се опишани развојот и историјата на најпопуларните спортови во градот. Што се однесува за Битола, пред сѐ тука е неизбежниот ФК Пелистер, за кој има документација дури и од периодот меѓу двете светски војни, потоа ракометниот клуб Пелагонија, подоцна Пелистер, сега Еурофарм Пелистер, а и за атлетскиот клуб Олимпија, кој имаше најголеми ѕвезди во извонредната спринтерска шампионка Вера Велјановска и тркачот на средни и долги патеки Стевче Георгиевски. Но тука не застанаа неговите пишувачки апетити, зашто сметаше оти ќе биде жално ако не ги обработи и другите спортови што виреат и имаат традиција во Битола. Продолжи со пишување, па така, на следните поколенија им остава едно богатство, практично им ја сервира спортската историја во која се вткаени многу резултати и подвизи на битолските спортисти. Затоа не е случајно што во насловот ставив хроничар и жива енциклопедија, зашто навистина е тоа. Тој е човек што се занимава и со истражувачко новинарство, па така, често ги отвораше вратите од архивите и „копаше“ низ насобраните материјали да пронајде нешто значајно, нешто што ќе му го привлече вниманието“.
За тоа, што Димче Миновски значи потврда е и податокот на пребарувачот google. Ако напишете Димче Миновски за 0.32 секунди излегуваат 26.100,оо резулати.