Press "Enter" to skip to content

Со полагање на цвеќе на спомениците на НОАВМ, Стив Наумов и партизанските гробишта оддадена чест на борците за ослободување на Битола (фотогалерија)

Со традиционалниот прием на претставници од општинската организација на Сојузот на борци од Битола, во кабинетот на градоначалникот на Битола – Тони Коњановски, започнаа денешните настани за одбележување на Денот на ослободувањето на Битола, а продолжија со положување на свежо цвеќе пред Споменикот на НОАВМ пред Центарот за култура, Споменикот на народниот херој Стив Наумов и Партизанските гробишта во Битола.Пред спомен обележјата, почит оддадоа, градоначалникот на општина Битола – Тони Коњановски, Министерката за култура – Бисера Костадиновска Стојчевска, претставници на Советот на општината, Сојузот на борци, претставници на збратимените градови Епинал, Пожаревац и Осиек, како и претставници на политичките партии. На партизанските гробишта, свежо цвеќе положи заменик градоначалникот Бојан Бојкоски.Градоначалникот Коњановски, испрати честитка до присутните гости и сите жители на општина Битола:

-Денес, кога одбележуваме 79 години од ослободувањето на Битола, со голема почит, кон луѓето кои ги дале своите животи за денешната слобода, горди сме на значајните културно – историски вредности кои ги поседува нашиот град, што уште повеќе ја зголемува должноста, да направиме многу повеќе за напредокот на Битола. Наша обврска е да продолжиме да го градиме најубавиот град, да ги подобруваме условите за живот на сите граѓани, а пред се да бидеме мотив за творештво и работа на младите генерации на овие простори.  Затоа, како локална самоуправа и дејствуваме во таа насока, преку реализација на бројни проекти и зајакнување на меѓународната соработка, со цел зголемување на можностите за инвестиции, напредок и развој. НЕКА ТИ Е ЧЕСТИТ ПРАЗНИКОТ НАЈУБАВА БИТОЛА!“, се вели во честитката од градоначалникот Коњановски.По повод 4 Ноември, Денот на ослободувањето на градот Битола од фашистичкиот окупатор, министерката за култура, Бисера Костадиновска – Стојчевска положи свежо цвеќе на споменикот на паднатите борци од НОАВМ во с. Лавци.-Како министерка за култура и како внука на носител на Партизанска споменица, горда сум што оваа Влада не ги заборави и со почит ги ревитализира паметниците кои сведочат за македонскиот отпор. Еден од нив е и во херојско Лавци – Споменикот на паднатите борци. Антифашизмот во Битола и во Битолско е вечен порив и повик. Зашто: „Народ задоен со борбата за слобода никогаш не умира, истакна министерката Костадиновска – Стојчевска.Цвеќе положија и делегации на политичките партии ВМРО-ДПМНЕ, СДС, ПОДЕМ, Левица.Во четиригодишната народноослободителна и антифашистичка војна, околу 270 борци од Битола и Битолско ги дале своите животи за слободарска Битола.