Press "Enter" to skip to content

Коњановски положи цвеќе на споменикот на загинатите италијански војници на Македонскиот фронт

Пред Споменикот во Градскиот парк во Битола, денес беше оддадена почит на загинатите 8000 италијански војници кои за време на Првата светска војна, се бореле на Македонскиот фронт. На свеченоста, на која што присуствуваше и амбасадорот на Република Италија Андреа Силвестри, во своето обраќање пред присутните претставници на дипломатскиот кор, АРМ и воениот корпус, градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, истакна дека деновиве, во Битола се случуваат многу настани кои не навраќаат на тешката историја на нашиот град, во кој ијладници животи згаснале во различни војни.-Потсетувајќи се денес, пред овој споменик, на околу 8.000 италијански жртви во периодот на Првата светска војна од 1916 до 1918 година, се потсетуваме на една мрачна ера од историјата, не само на Битола, туку и на целата Европа. Во тоа време, околу 50.000 војници само од Италија, ги напуштиле своите семејства и домови, за да војуваат на туѓа територија, закопани во ровови, изложени на куршуми, топовски и тенковски гранати и бомбардирања. Не смее да се заборави и податокот дека за време на Првата светска војна, Битола, после Францускиот град Верден, бил најбомбардираниот град и затоа го носел името град-страдалник. Во воените дејствија, биле убиени 4224 цивили, претежно жени и деца. Евидентирани биле над 500 ранети, со над 850 срушени куќи и згради, речиси ист број запалени објекти. За време од една година, од ноември 1916 до декември 1917 година, градот бил бомбардиран со гранати со голем калибар кои предизвикувале голема материјална штета, како и со бомби со отровен гас. Тешко било опоравувањето од овие катастрофи, кои биле пропратени и со глад и многу болести, а бројката од непосредно загинати била многу голема. Сепак, како Феникс од пепелта, Битола успеала да се издигне и да ја врати својата космополитска карактеристика на пријателство и заеднички соживот на многу народи. Низ историјата, имало многу страдања на овие простори. Затоа, денес, од оваа локација, повторно испраќаме јасна порака, дека војните на овие простори мора да останат во минатото. А ние, сите заедно, како современици со јасни напредни визии за подобро утре да ја градиме нашата светла иднина, при тоа не заборавајќи го нашето минато, рече градоначалникот Тони Коњановски во своето обраќање.На свеченоста се обрати и италијанскиот амбасадор, по што присутните положија свежо цвеќе во сеќавање на италијанските жртви во Првата светска војна.