Press "Enter" to skip to content

Општина Битола: доделени сертификати на образовски асистенти за средни училишта

Во општина Битола, денес беа доделени сертификати на 8 лица за образовни и лични асистенти за ученици со попреченост во средните битолски училишта. Во присуство претставници на УНДП во земјава, градоначалникот Тони Коњановски и заменичката на постојаниот претставник на УНДП во земјава, Сања Бојаниќ, ги доделија сертификатите, со кои што асистентите стануваат конкурентни на пазарот на трудот и можат полесно да се вработат.

Градоначалникот Коњановски истакна дека преку Програмата Општинско-корисна работа, која се имплементира од 2017 година во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации, работно се ангажирани 23 лица. Од нив, 13 се образовни и лични асистенти за ученици со попреченост во средно училиште, од кои 10 во средното општинско училиште Таки Даскало, 1 асистент во медицинското училиште д-р Јован Калаузи и 2 асистенти во средното земјоделско училиште Кузман Шапкарев.-За нас како општина, оваа програма е од особено значење, затоа што правиме чекор напред во инклузивниот процес на лицата, во случајот децата со попреченост и го реализираме нивното право на образование, заедно со нивните врсници и соученици, во образовните институции во Битола. На овој начин, им овозможуваме преку соодветно образование, да се стекнат со знаења и вештини кои ќе им овозможат постепено вклучување на пазарот на труд и социјална инклузија, како еден од најважните чекори во нивниот натамошен животен развој. Покрај 13-те образовни асистенти за средните училишта, преку програмата за општинско корисна работа, ангажирани се и 10 едукатори во други области. Со реализацијата на проектите со поддршка на УНДП покажуваме дека како локална самоуправа, особено за грижиме за младите лица и за нас е многу важно тие да бидат дел од општината, нејзиниот раст и развој. Тука да ја гледаат својата иднина, својот кариерен напредок, тука да создаваат семејства и да го сакаат градот Битола, кој е по многу нешта единствен. Буџетот во програмата за социјална заштита за Општинско корисна работа е 3.700.000,00 ден од кои 1.500.000,00 ден се средства од Општина Битола, а 2.200.000,00 ден се донаторски средства од УНДП, рече Коњановски.

Општина Битола, заедно со УНДП во текот на оваа година, реализира уште два проекти:

-Проект Зајакнување на улогата на младите во Општина Битола во 2024 година со буџет од 445.700,00 денари, чија цел е надминување на проблемите поврзани со говорот на омраза и деструктивни наративи кои произлегуваат од врсничкото насилство, како и подлабоко разбирање на младинското учество.

-Проектот ReLOaD 2, во рамките на Регионална програма за локална демократија во Западен Балкан 2 (ReLOaD 2), финансиран од Европската унија, од Инструментот за претпристапна помош (ИПА) и спроведуван од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

More from ВестиMore posts in Вести »