-Младите од Битола и Пелагонискиот регион со своите креативни изработки промовираа решенија и иновации за намалување на потрошувачката на енергија и подобрување на енергетската ефикасност. Нивната улога во новата енергетска визија за Битола може да биде одлучувачка и може да го обликува начинот на живеење во градот за години и децении пред нас.
Денес, во Europe House Bitola беше организиран настанот „Нова енергетска визија за Битола“. Целта на самиот настан беше промовирање на нови иновативни форми на еколошка едукација и активизам кај локалната заедница. Конкретно идејата беше насочена кон претставување на еколошките проблеми од работата на термоцентралите и од фосилните горива и истовремено предлагање на решенија и инвестиции за надминување на оваа состојба.
Настанот „НОВА ЕНЕРГЕТСКА ВИЗИЈА ЗА БИТОЛА“ беше составен од Саем за технички изработки на млади талентирани тимови од СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ ‒ Битола кои се претставија со повеќе од 10 изработки ‒ прототипови на модели кои претствуваа креативни решенија за намалување на потрошувачката на енергија, подобрување на енергетската ефикасност, обновливи извори на енергија – фотоволтаични и ветерни централи и сл. Победник на Саемот за технички илустрации беше тимот што го изработи проектот „Соларен панел кој ја следи сончевата светлина“ под менторство на професорката Марија Трајкоски.
Во склоп на настанот организиравме и Изложба на технички илустрации кои се фокусираа на теми поврзани со производството, дистрибуцијата, складирањето или искористувањето на енергијата. Изложбата имаше натпреварувачки карактер и на истата прво место освои Дамјан Талевски од ОУ „Даме Груев“ ‒ Битола со илустрацијата Предлози за добивање на „зелена“ енергија во Битола, под менторство на професорката Валентина Степановска Андонова.
Како додадена вредност на настанот ни беше и просторот за „Визија кафе“ со импровизиран кафе бар каде што посетителите имаа можат да си нарачаат кафе преку посебно крирано мени што ги содржеше Flagship проектите за регионите на Битола и Кичево. Проектите беа креативно и интересно претставени во форма на мени за кафе и посетителите имаа можат да ги погледнат и да гласаат за најдобриот проект, а за возврат да добијат бесплатно кафе и да уживаат во креативната атмосфера на целиот настан. Со оваа активност што е карактеристична за битолчани (пиењето кафе на Широк сокак) сакавме на целиот настан да му дадеме една креативна и атрактивна димензија што ќе ги привлече битолчани да ги посетат саемот и изложбата и да се запознаат со алтернативните начини на производство, дистрибуција, складирање и искористување енергија.
Младински културен центар – Битола e општествено одговорна организација која се грижи за подобрување на квалитетот на живот на младите во Пелагонискиот регион, преку преземање активности и акции поврзани со подигање на свеста и едукација на младите луѓе, но и мобилизација на заедницата за зачувување на животната средина. Заштитата на животната средина не се однесува само на загадувањето, туку и на одржливиот развој и заштита на природните ресурси.
Преку образовните програми, кампањите за свесност и активизам што ги нудат граѓанските организации, младите можат да создадат многу влијателни платформи за промоција на одржливи енергетски практики и зелени политики. Тие можат да бидат катализатори за промени во законодавството и политиките кои ќе ги олеснат инвестициите во обновливите извори на енергија и ќе ја подобрат енергетската ефикасност. Проектот „Битола без јаглен“ на Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ во чии рамки се реализираше оваа активност, има за цел подигнување на јавната свест за штетноста од користењето на фосилни горива при работењето на термоцентралите, особено во Битолскиот регион.

Младите од Битола и Пелагонија промовираа решенија и иновации за намалување на потрошувачката на енергија (фото)
More from ВестиMore posts in Вести »
- Во Битола денес започнува првиот фестивал посветен на чалгијата, пајтонско дефиле во 18 часот
- Општина Битола: дежурства на инспекторатот и за неработни денови и викенди
- Во Битола сончево, попладне можност за нестабилност, температурата до 30 степени
- На 16 седници, 14 редовни и 2 вонредни, советниците имале 475 дискуции, донеле 171 одлука…
- Уапсени тројца битолчани, со оружје затекнати во строго заштитена зона на Пелистер





