Во Битола и пошироко Јени Маале или Генимаале разговорно како што го знаат сите, не е обична битолска населба. Истата претставува една симбиоза на речиси сите до денес познати општествени појави. Јени Маале во Битола е историја, традиција, култура, спорт…
Не е грешка ако се употреби аксиомата “состојба на умо“ кога се користи во контекст на Јени Маале како населба. Луѓето се “различни”, сакаат да бидат различни, и секој момент го користат да ја нагласат таа различност.
Јени Маале како населба дала многу за Битола како град, но и за Македонија како држава. Од тука излегле многу комити – илинденци, од тука излегле многу важни профили од различни области, но посебно од тука излегле и излегуваат спортски легенди и многу важни културни работници кои оставиле или оставаат печат со своето дело.
Нема да влегуваме во детали, но само ќе кажеме дека Јени Маале е Митко Стојковски, Јени Маале е Јонче Христовски, Пепи Бафтировски, Виолета Томовска…
Јени Маале денес е Валентин Соклевски, КУД “Илинден“, Селски Велигден, Кајнако, Драгор… Овие изминати 15 години ФК Јени Маале е спортски колектив кој што полека станува “различен“ од сите други.
Прославата по повод 15 години од формирањето на фудбалскиот клуб, воедно и прославата за неодамна освоената “КУП титула“ на ОФС Битола, традиционално се одржа во ресторанот “Вила Виста“.
Воведниот дел од самата прослава беше искористен од страна на капитенот на клубот Никола Пискачев кој што ја претстави историската димензија на клубот, неговите почетоци, подеми и падови, турнеите во Белград и Загреб итн.
Во овој воведен дел не беше заборавен и првиот, а денес почесен претседател на клубот – Томе Блажевски, членовите на УО на клубот, големиот број на помагатели на истиот и сл.
За сите нив без исклучок и без разлика од кој аспект го помагаат клубот, дали станува збор за финанска помош и поддршка, дали е во прашање некоја друга логистичка услуга, медиумска промоција и слично, беа уважени со благодарници и плакети кои што им беа врачени од страна на членовите на УО – Тоде Блажевски, Благојче Петревски, Васко Наумовски, Александар Пановски и Андреј Лозановски.
Посебен момент на оваа прослава т.е. на воведот во истата беше промоцијата на химната на ФК Јени Маале, дело кое што произлезе од уметничката душа на генималецот Валентин Соклевски, во аранжман на познатиот Николче Мицевски и вокална изведба на неповторливиот Ламбе Алабаковски.
Пред да продолжи официјалниот дел на забавата т.е. на настанот генерално, членовите на Јени Маале со пиротехнички перформанс кој што го демонстрираа, внесија дополнителна позитивна атмосфера и ја одржуваа на “критично ниво“ до крајот на вечерта.
Музичкиот дел како и секогаш досега беше зсдача на “Џокер бенд“, а првата изведба како и секогаш ја имаше Тони Мицевски со “Ако одам во Битола“.
Ламбе Алабаковски како гостин, но во исто време и како член на поширокото семејство на клубот прославата ја збогати со изведби на македонски песни кои што се секогаш неизоставен печат од овие забави. Изненадување на вечерта беше присуството на Сања Цинцева – Барби која што внесе една друга димензија во музичкиот дел од вечерта.
Немаше да дојди ФК Јени Маале до оваа прослава и до оваа “состоја на умот“ ако не беше воден од ентузијазмот, искрениот и чист пристап и големата енергија и посветеност од страна на Никола Пискачев.
Сите што биле или што се дел од клубот можат да потврдат дека без Пискачот клубот не е “жив“ и без него клубот нема идеја и карактер. Во таа чест фудбалерите му приредија мало изенадување и во еден дел од вечерта со мал уметнички т.е. театарски перформанс го “крунисаа“ во крал на Јени Маале.
Посебни признанија за континуирана поддржа и вложување во напредокот на фудбалски клуб Јени Маале и беа доделени на “Македон“, “РЕПРИМ“, Ламбе Алабаковски, “BITOLANEWS“, “Вила Виста“, “Интеринвест Груп“, Јошка Симоновски, Валентин Соклевски, “Форматика“ и “LUKACH DEVELOMPMENT“.
Не беа заборавени ни помагателите на клубот стоваришта ГРУЈО и АМПАДО, пекара Булевар, БРУСНИК лимарија, Тера ТВ, Разбуди се, М-Нет Штип, Горан Талевски, ОФС Битола, “Плодност“, Зоран Ѓеоргиев… а посебна благодарност за помагањето на клубот од страна на Митко Стојковски.
Пред почетокот на официјалната свеченост по повод 15 години ФК Јени Маале, Никола, Пискачев, Андреј Лозановски и Михајло Вангелов на пајтонот “Кабадаја“ низ Битола го промовираа градскиот живот на Јени Маале и “различноста“ на клубот во градски облеки, секако со големиот пехар на ОФС Битола.
Благојче Петревски
Фото: Сашо Ристевски











