-Првиот број на „Муза“ пречекан со големо одобрување и пофалби, што ја потврдува важноста на вакви иницијативи за промоција на женската креативност и успех.
Во Офицерскиот дом во Битола се одржа промоција на „МУЗА“ првото издание на Женскиот алманах за култура и урбано живеење. Настанот привлече значајна публика поголем дел од женски пол од различни сфери на општеството, вклучувајќи уметници, претприемачи, академици и бројни поддржувачи на женскиот активизам и родовата еднаквост.
Издавач на списанието е Агенцијата за мода, култура и уметност “Метрополис“ од Битола. Промоцијата започна со топол поздрав од Илија Талев, уредник и идеен креатор на „Муза“. Тој ги поздрави присутните и ја сподели приказната за инспирацијата зад создавањето на алманахот.
-Муза“ е посветена на силните и инспирирачки жени, кои ги преминуваат врвовите на успехот во сите сфери на живеењето, и дека списанието има цел да биде извор на инспирација и информации за сите жени. Во првото издание на Женскиот алманах „Муза“, на овие страници преку различни профили и интервјуа, ќе се запознаете со жени кои се издигнале во културата, уметноста, модата, спортот, бизнис и претприемнички сектор, образование и наука и други области. Жени кои ја менуваат и збогатуваат нашата култура во различни сфери од општественото и урбано живеење, рече на промоцијата Илија Талев.
Талев во импресиумот на “Муза“ се потпишува како уредник, графички уредни и автор на текстови и интервјуа.
Илија Талев на свој начин ги претстави жените кои ги споделија своите приказни во брвиот број на „Муза“ низ краток опис на нивните профили.
Славица Јанкуловска Цаци – мода, Ирена Димовска Митревска – музика, Надја Петровиќ – сликарство, Билјана Исијанин – современа уметност, Елена БошБож – литература, Валентина Грамосли – театар , Мила Рориќ – Архитектура, Наде Геневска Брачиќ- култура, Марта Христовска – бизнис сектор, Жанета Ристевска – образование, Сања Поповска – Гласно за МС, Ивана Ангелковска – женски активизам, Јована Матевска Атанасова и Александра Шијакоска инфлуенсер социјални мрежи се претставените жени од Битола.
Во првиот број на алманахот има статии за женски активизам, мода свет – Вивиен Вествуд „Висока свештеничка на панкот“, ретро интервју со Маргарита Стефановиќ и колумна за родова еднаквост, односно статии кои се вредни за споменување и се вклопуваат со идејата за создавањето на “Муза“.
Непосредност и природност во излагањето на Илија Талев создаде топла и пријатна атмосфера.
Гостите можеа да се запознаат и да разменат мислења со уредникот, инволвираните во алманахот (чии интервјуа, профили или активности беа составен дел од списанието) и останатите присутни.
Овој неформален дел од промоцијата создаде можност за вмрежување и градење на нови пријателства и соработки.
Целокупната атмосфера на настанот беше исполнета со позитивна енергија и ентузијазам, што го прави овој настан значаен момент за сите присутни.
Со оваа успешна промоција “Муза“ официјално започнува со својата мисија да инспирира и информира, охрабрувајќи ги жените да ги следат своите страсти во полето во кое делуваат и да го менуваат светот.
Жанета Ристевска
Фото: Дамијана Ристевска











