Press "Enter" to skip to content

Невестата Ева и зетот Јован се ретките кои направија “Тајане-Бојане“ и ги одбележаа обичаите за Иванден во Битола (фото)

-Во Битола, за жал само на неколку места и со малку дечиња,  традицијата продолжува, “Тајане Бојане“  пееја најмалите битолчани, денес на Иванден.

Оваа година слатките братче Јован и сестричката Ева Димитрови од  “Маџар мале“ во Битола облечени како невеста и зет го одбележаа обичајот “Тајане Бојане“. За жал како во годините наназад, како паметат повозрасните битилчани, немаше и тајфа сватови, а ги немаше низ Битола традиционалните обичаи поврзани со празникот Иванден.

Домаќинките по завршувањето на “адетите“ им направија и традиционално турте колач кој се прави на овој ден, за ретките дечиња кои денес во Битола го продолжија овој обичај.

Потсетувајќи се на деновите од детсвото во жешките денови на јули, многумина овој ден ги потсетува на организирање на тајфа “сватови“ невеста и зет. “Тајфата“ шетала најчесто низ малото по куќи низ Битола, пеејќи ја песната “Тајане Бојане имам брат Св. Јоване…“ при тоа сите им давале по нешто, јајца, брашно, масло, пари… Тоа што ќе се соберело го носеле кај некоја или повеќе домаќинки кои им подготвувале зелник, пита, турте или друго. Собраните пари се делеле на сите учесници.

Низ цела Битола порано се правело на еден начин, а ова празнување може да се окарактеризира како дел од нематеријалното наследство кои ни го снемува пред нашите очи, а за кое во некоја иднина, блиска или далечна, само ќе жалиме, а некои тоа го прават и сега.Сите оние кои во детсвото учествувале во такви тајфи се сеќаваат со носталгија, и убави чувства… Многу ќе се сетат кога во најтоплиот месец јули, период на распуст со своите другарчиња од малата се организирале за “Тајане Бојане“. Со годините традицијата продолжува во некои маала низ Битола.

Оваа година имаме фотографија на најслатките учесници во овој обичај, а само ќе додадеме, традицијата се уште продолжува во Битола…Тајане, Бојане, имам брат Свети Јоване, ункеши, ункеши, ункеши по маглата.

По магла, по магла, по магла ситна роса, по роса, по роса, по роса мома боса.

Играле момите крај манастирот, калуѓер гледа од пенџериња,

фрли си шапка на герамиди, од герамиди на трендафилот,

белата брада на берберница црната брада на касапница.

Краток  опис на овој обичај пред околу еден век направил М. Цепенков кој сведочи дека во Битола спроти Иванден “ќе нанижат еден ѓум со секакви цвеќиња и ќе му клаат тел од невестата што гувеела. Ќе го покријат со еден превес и ќе му го клаат на некое дете на глаа, да го носит. После ќе се ватат девојчињата рака за рака, секое спроти бојот, та ќе одат од чешма на чешма пеејќи една влашка песна вака: Тајани, ѓанизмата кокʼ за, ќи кʼ за“ и др. Од собраното зајре ќе направат и сите ќе ручаат, а парите ќе си и делат или ќе и купат нешто емиш за јадење.

Ж. Ристевска